Потпишан договор за меѓуопштинска соработка помеѓу Берово и Пехчево

128

Општините Берово и Пехчево потпишаа договор за меѓуопштинска соработка. Договорот го потпишаа градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски и градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, кои при средбата, истакнаа дека унапредувањето на општинските услуги на кој било начин, е секогаш со цел, на граѓаните да им се овозможат побрзи, поквалитетни и посуштински услуги.

Од страна на Општина Берово, градоначалникот Пекевски најави институционална и техничка поддршка при изработката на заеднички стратешки документи.

– Сметаме дека договорот е од исклучително значење во насока на зголемување на меѓусебната соработка и унапредување на капацитетите за поквалитетни услуги на граѓаните. Во таа насока, Општина Берово планира да овозможи институционална и техничка поддршка при донесување и изработка на неколку клучни документи, како и во постапките кои значат легализација на бесправно изградени објекти и бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, како и учество во постапката за издавање на одобрение за градење во електронска форма за објекти на градежно и земјоделско земјиште – изјави Пекевски.

Меѓуопштинскиот договор, како што додаде беровскиот градоначалник, предвидува и соработка во делот на комплетна услуга од градежната и урбанистичката инспекција, комплетна услуга од сообраќаен инспектор, како и комплетна услуга од просветен инспектор.

Освен со Пехчево како дел од програмата „Меѓуопштинска соработка за подобра испорака на услуги и пристап кон ЕУ“, општина Берово има потпишано договор и со општините Делчево и Виница.