Потпишани билатерални договори за економска и соработка во туризмот меѓу Северна Македонија и БиХ

57

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска оствари билатерална средба со министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац, при што беа потпишани два билатерални договора – за економска соработка и соработка во областа на туризмот.

Министерот Бектеши рече дека на средбата било разговарано за можностите за продлабочување на соработката во различни сектори, што денеска е формализирано со потпишаните договори за соработка во економијата генерално, како и во областа на туризмот.

Тој нагласи дека Северна Македонија има одлични односи со Босна и Херцеговина и ги подржува сите регионални иницијативи насочени кон олеснување на стопанствениците и граѓаните на сите држави од регионот.

– Многу е важно да ги формализираме работите што се бараат од стопанствениците на двете држави, а тоа секако е олеснување на трговијата и со тоа зголемување на обемот на трговијата меѓу двете држави. Разговаравме и за енергетиката генерално, за споделување на искуства имајќи предвид дека БиХ е единствен извозник на електрична енергија од државите на Западен Балкан, а согласно стратегијата за развој на енергетиката предвидуваме различни инвестиции. Би сакале тие инвестиции да ги направиме заеднички со нашите оседи за тие што ќе покажат интерес, особено во делот на изградба на нови капацитети, за нови гасни централи, рече Бектеши.

Бектеши истакна дека иако моментално во „Отворен Балкан“ членки се Северна Македонија, Албанија и Србија, секогаш вратата ќе биде отворена за сите останати држави од Западен Балкан, како Иницијатива насочена кон промоција на европските вреднсоти и исполнување на четирите столба за слободно движење на стоки и на луѓе.

Кошарац од своја страна истакна дека односите меѓу двете земји се пријателски, без отворени прашања, а проценките се дека треба да се унапредуваат меѓусебните односи за со заеднички напори да ги зајакнуваат  своите стопанства, и на тој начин да бидат подготвени за исполнување на дефинираните цели – членство во ЕУ.

– Мошне е важно да имаме размена на искуства и да постојат видливи и ефикасни, продуктивни облици на соработка меѓу Северна Македонија и БиХ. Денеска потпишаниот договор за соработка во областа на економијата е рамка во која ќе ги мапираме нашите политики, да видиме што се конкретните потези, политики во насока на поврзување на нашите стопанственици, нивен заеднички настап на поважни саемски манифестации и низа други прашања од реалниот сектор, рече тој.

Кошарац рече дека кога се работи за туризмот како стопанска гранка, намера е да е изнајдат начини и облици за дефинирање на соработката во областа, имајќи предвид дека земјите од Западен Балкан можат да излезат како заедничка туристичка понуда на другите пазари.

Статистичките податоци за туристичката соработка покажуваат дека минатата година нашата земја ја посетиле 6.854 туристи од Босна и Херцеговина, со остварени 13.800 ноќевања. Споредбено со 2021 година, бројот туристи од БиХ е  зголемен за 32,3 насто додека бројот на ноќевањата за 42,2 проценти. Во првите три месеци годинава 1362 туристи од БиХ ја посетиле Македонија, што споредбено со 2020 е зголемување за 63 проценти.

Туристичката  соработка со  Република Босна и Херцеговина воглавно се  одвива  преку  деловни посети, агенциски и поединечни аранжмани и  на  деловни и  индивидуални  посети  на  граѓани. Треба да се потенцира и фактот дека во последните години тренд во туризмот се кружните патувања . Во Балканските тури повекето од групите во своите програми нудат посета на неколку Држави меѓу кои Босна и Херцеговина и Македонија како дел од културните рути.