Потврдени се 266 случаи на салмонела од киндер јајца

90
Здравствените претставници на ЕУ соопштија дека се потврдени 266 случаи на инфекција со салмонела, вклучително и 58 можни случаи на бактеријата, поврзани со чоколадни велигденски јајца.
Извештаи се пријавени низ Европа, но и во Северна Америка.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) соопшти дека 86,3 отсто од случаите се кај деца под 10-годишна возраст, а кога станува збор за сите случаи, 41,3 отсто од заразените морале да бидат хоспитализирани.
Не се пријавени смртни случаи, објави АП.
Затворањето на фабриката во април, глобалното повлекување на нивните производи од полиците „го намали ризикот од изложеност на бактерии, но може да се појават нови случаи поради долговечноста на производите и можното чување на чоколадото дома“, пренесе агенцијата.
На почетокот на април службите за контрола на квалитетот на храната во неколку европски земји објавија дека италијанската компанија Фереро повлекла контингент од чоколадо Киндер поради сомневање дека има поврзаност помеѓу производот и салмонелата.
Во 10 од вкупно 81 позитивен примерок добиени во белгиската фабрика во декември и јануари се идентификувани два вида на бактеријата, кои се отпорни на неколку лекови.
Бактеријата е пронајдена во матеница, полупроизводи и готови производи.
Матеницата е обезбедена од италијански добавувач, каде не е откриена салмонела.
„Врз основа на достапните докази, салмонела не е откриена во други фабрики“, соопшти ЕЦДЦ во средата.