Девет претстави во официјалната, седум од независната продукција, две од придружната програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што годинава ќе се реализира под мотото „Враќање дома“ од 9 до 16 јуни во Прилеп. Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес, a Српското народно позориште од Нови Сад, пак, ќе го затвори фестивалот со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски. Како што вели директорката на фестивалот Ана Стојаноска, програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот ќе трае цела година. Годинава „Автор во фокус“ е Коле Чашуле (1921-2009), а актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски, пак, се добитници на наградата за животно дело на фестивалот

-Педесет и седмото издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ се подготвува секојдневно во насока да имаме фестивал на кој публиката и учесниците ќе доаѓаат со радост. Како и секој фестивал и нашиот во оваа последна фаза ги координира сите активности што биле во текот на целата година и кои сега треба да ги покажат резултатите, вели за весникот ВЕЧЕР, Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот што од 9 до 16 јуни, ќе се одржи во Прилеп.

Како што е познато, девет претстави во официјалната, седум од независната продукција, две од придружната програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на годинашното издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што се реализира под мотото „Враќање дома“.

Фестивалот ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, која е селектирана во официјалната програма. Српското народно позориште од Нови Сад, пак, ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.

Како што посочи Стојаноска, за селекцијата на фестивалот изгледала 52 претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември лани до 10 мај годинава, и програмата ја конципирала во четири различни програми: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма. „Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“, пак, е насловот на концептот што ги обединува избраните претстави.

Покрај „Инферно“ во режија на Дејан Пројковски, во официјалната програма, се и претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, во продукција на Драмски театар – Скопје; „Бесачи“ од Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, во продукција на МНТ; „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, во продукција на „Војдан Чернодрински“ – Прилеп; „Мy name is Medeјa“ според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, во продукција на Народен театар – Битола; „Три сестри“ од Антон П.Чехов, во режија на Кендрим Ријани, продукција на Албански театар – Скопје; „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, на Народен театар – Охрид; „Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов на ТДМ и „Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, на Театар Комедија.

-Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нè замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н. класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуализирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже, вели Стојаноска.

Создавачите на македонската театарска практика треба да се фокусираат на домашни драми

Во програмата, пак, насловена „Независна продукција што игра домашни автори“ ќе се изведат претставите „Елегија во пет здива“ автор и режисер Филип Петковски; „Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна продукција; „Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б. Андоновски, Продукција на „Тииит! Инк“; „Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б.Андоновски; „Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“; „Подготвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ, продукција на „РКЦ РАКАТРАК“ и „Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер Јован Ристовски, продукција на „АТО Центар за современа уметност и култура“ – Битола.

Ана Стојаноска

Директорката на фестивалот, смета дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сè, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Како што посочи, од избраните претстави недостига претстава работена според драма на македонски автор, бидејќи тековната продукција понудила малку претстави од македонска драма, но затоа таа како уметнички директор го иницирала откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што играат македонски автори.

Во придружната програма на фестивалот се и „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу на Турскиот театар и „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски на Народен театар „Антон Панов“ од Струмица.

Стојаноска ја најави и програмата „Автор во фокус“, што првпат се воведува на фестивалот и трае цела година. Годинава „Автор во фокус“ е Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист, општествен деец.

-На 27 мај ја продолжуваме програмата „Автор во фокус“, со гостувањето на претставата „Црнила ремикс“, во режија на Јордан Симонов, во продукција на Младинскиот културен центар од Скопје, а во чест на Коле Чашуле, појасни Стојаноска за нашиот медиум.

Инаку, годинава актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски се добитници на наградата за животно дело на фестивалот.

Како што посочи за ВЕЧЕР Стојаноска, за добитниците на наградата за животно дело ќе се изработат видеопортрети кои ќе бидат проектирани на самото отворање на фестивалот, кое ќе се случува на отворено пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.

-Наградите се доделуваат на самото отворање, бидејќи тоа е најдобар начин да се почне фестивалот мотивирачки и свечено. И Петар Темелковски и Петар Мирчевски се актери чија уметничка креативност е препознатлива и нивниот отпечаток во македонската култура е огромен и значаен. Среќна сум што ќе имаме прилика да ги пречекаме на нашиот фестивал, вели таа.

Стојаноска истакна и дека тркалезните маси ќе бидат многу важен сегмент од ова издание на „Војдан Чернодрински“.

-Тркалезните маси ќе бидат секој ден на пладне и ќе бидат разговори за претставите што сме ги гледале претходниот ден. Целта е да се проговори отворено за тековната продукција, да се слушне гласот на публиката и да се оствари комуникација меѓу театарските уметници и публиката, додава Ана Стојаноска. (Н.И.Т.)