ПОСЛАНИЕ г.г. СТЕФАН: Признавањето на автокефалниот статус нека е поттик за градење и за чување на македонското единство

86

Да се чуваме од меѓусебни поделби, коишто водат до нарушување на нашето сенародно единство, и да не забораваме: нашиот македонски народ низ вековите се одржал затоа што за свој темел Го имал Христа Бога и Неговите вечни вредности, а за своја мајка ја имал Црквата, порача поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски, неговото блаженство г.г. Стефан во пасхалното послание потпишано од сите македонски владици. Годинашниов Велигден, се вели во посланието, за првпат по забранувањето на дејноста на Охридската архиепископија во 1767 година, се прославуваме во радоста на единството со сите останати помесни Православни цркви.

-Единството во Православието и признавањето на нашиот автокефален статус нека ни бидат поттик за градење и за чување на нашето духовно и национално единство. Нашата радост, веруваме, ја споделуваат и светиот апостол Павле, кој прв го посеа евангелското слово по македонската земја, како и славниот цар Јустинијан, во чие време се основа на нашиве простори помесната Црква ‒ Јустинијана Прва. Со нас се радуваат и светите солунски браќа Кирил и Методиј, кои пред 1160 години ја започнаа својата мисија во Моравија, а во оваа година се навршуваат и 1130 години од ракополагањето на свети Климент Охридски во епископски чин. Исто така, годинава ќе одбележиме и 120 години од славното македонско востание на Илинден во 1903 година, се вели во велигденското послание на г.г.Стефан. Спомнувајќи си за овие свети и светли личности и годишнини, се појаснува, во текот на оваа година ќе им се оддаде заслужна благодарност за нивниот труд, за застапништвото и за жртвувањата кои ги подарија на нашиот народ и на нашата Црква. Годинава ќе се одбележи и 60 години од осветувањето на првиот македонски храм „Свети апостоли Петар и Павле“ во Гери, Индијана, се вели меѓу другото во велигденското послание на потпишано од македонскиот архиепископ и од членовите на Синодот на МПЦ-ОА..

Честитајќи го Велигден, најрадосниот христијански празник, во велигденското послание се порачува: “силата на Христовото воскресение да дејствува во сите нас, па од сето срце и од сета душа, заедно со сите наши православни браќа и сестри, да му објавиме на сиот свет: Христос воскресе“!.