Поскапениот паркинг во Центар направи сообраќаен хаос

100

Пазарџиите побараа да се врати старата цена за паркирање кај „Автомакедонија“ или да се намали, бидејќи со сегашните 70 денари/час се дестимулираат купувачите на Зелен пазар и тие одат да пазаруваат во маркетите каде паркирањето е бесплатно. Градоначалникот Богдановиќ не ги прифаќа барањата на пазарџиите затоа што, како што истакна, Општина Центар работи во интерес на граѓаните што живеат таму. Од ЈП ПОЦ, пак, соопштија дека пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластена паркинг карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеа, наместо за автомобили, за тешки товарни возила

 

Пазарџиите од Зелен пазар утринава го блокираа сообраќајот на дел од булеварот „Кирил и Методиј“, на потегот кај дирекцијата на „Макпетрол“. Тие мирно протестираа застанати на улицата, каде имаше и полициско возило поради зголемување на цената на паркингот кај Зелен пазар од 40 на 70 денари.

Нивниот протест го поремети сообраќајот низ градот, па возилата беа пренасочувани да се движат преку Црниче.

Протестантите побараа цената да остане на 40 денари или да се намали на 30, бидејќи како што велат, останале без работа, а купувачите кога ќе ја виделе цената на паркингот заминувале и оделе да пазарат во маркетите.

– Кога ќе видат дека паркингот е 70 денари од час, се враќаат револтирани и одат да пазарат во маркетите каде што паркингот е бесплатен, или е со минимална цена. А ние ем плаќаме тезги, ем остануваме без работа. Овде никој не се збогатил. Работиме за да преживееме. Сега и тоа не ни го дозволуваат. Пазарот полека се уништува – реагираат револтирано пазарџиите.

Воедно, тие бараат еден час во текот на денот да биде бесплатен за купувачите.

Тие реагираат и на тоа месечните карти сега од 800 се зголемени на 1.500 денари и тие картички важат само за автомобили, а не за товарни возила со кои треба да се донесе стоката.

– Како да ја носиме стоката, на грб или да земаме коњи и магариња – нервозно потенцираа некои од пазарџиите.    

Пазарџиите се заканија дека ќе преземат ригорозни мерки доколку не им се исполнат барањата.

– Ќе се договориме. Ќе чекаме наредниот ден. Па доколку не се преземе ништо однапред ќе известиме дека секојдневно ќе преземаме ригорозни мерки – најавија пазарџиите.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ денеска за весникот „Вечер“ изјави дека не ги прифаќа барањата на пазарџиите затоа што како што истакна, Општината Центар работи во интерес на граѓаните што живеат таму.

– Ако се продолжи со таа пракса на злоупотреба на дел од пазарџиите, ние ќе продолжиме со понатамошни активности во интерес на граѓаните. Тој паркинг е пред сè наменет за жителите што живеат таму и нам тие ни се приоритет – истакна Богдановиќ.

На штрајкот на пазарџиите реагираа од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и апелираа тие ги прифатат новите мерки за решавање на проблемот со паркирањето на паркиралиштето „Автомакедонија“. Од ЈП ПОЦ потенцираа дека затвореното паркиралиште „Автомакедонија“  што се наоѓа во непосредна близина на Зелен пазар со години наназад е преоптоварено и злоупотребувано од луѓето кои работат таму.

– Во изминатиов период, ЈП ПОЦ воведе неколку мерки за решавање на овој проблем односно постави нов систем за препознавање на регистарски таблички, систем со двојни рампи за контрола на пристап на возила и како последна мерка, ги зголеми цените за 1 час паркирање за да им овозможи на жителите полесен и побезбеден пристап до нивните домови. Со поставувањето на АНПР-камерите ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ има многу поголема контрола на злоупотребите кои се вршат на ова паркиралиште. Имено, пазарџиите кои редовно секоја година добиваа повластена паркинг карта за вработени во деловен субјект и картичка за влез за нивните автомобили, тие истите ги користеа наместо за автомобили за тешки товарни возила за кои ЈП ПОЦ, во согласност со одлуката на Општина Центар, на пазарџиите веќе им овозможи бесплатен дотур на роба од 5 до 7 часот на ова паркиралиште. Затоа, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ќе ги раскине договорите за паркинг на сите оние кои ќе вршат ваков тип на злоупотреба – велат од претпријатието.

Од таму додаваат дека со воведувањето на овие мерки ќе се стави крај на неправилностите кои се случуваа години наназад и ќе направи ред во паркирањето давајќи им приоритет на жителите кои живеат во опфатот на паркиралиштето „Автомакедонија“ кои заради сите овие злоупотреби не можат да го користат паркиралиштето во близина на своите домови бидејќи секојдневно се соочуваат со неподнослив проблем со паркирањето.

ЈП ПОЦ минатата недела донесе одлука со која од 8-ми овој месец цените за паркинг за еден час на комерцијалните паркиралишта со кои стопанисува се зголемија за 20 денари. Целта, како што појаснија, е да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им овозможи на жителите похумани услови за живеење.

(А.П.) – фото: Ѕ. П.