Поскапата нафта ќе ги качи граѓаните на велосипед, а земјоделците ќе ги врати на рало  

Не престануваат реакциите на јавноста по одлуката на Владата за воведување на еколошката такса од 3,5 денари на нафтените деривати. Земјоделците сметаат дека новата давачка ќе ги зголеми директните трошоци на земјоделците бидејќи нафтата е еден од основните инпути. Тоа ќе предизвика и раст на цените на прехранбените производи и поголем инфлациски притисок во економијата. Од бизнис-секторот се согласни дека ова е дополнителен трошок за компаниите кој не потребен во време на криза

634

Воведувањето на еколошката такса од 3,5 денари ќе ја зголеми цената на нафтените деривати и ќе предизвика низа други ценовни поскапувања. Новата давачка предизвика низа реакции кај граѓаните и кај земјоделците кој велат дека во овој момент кога закрепнуваат од кризата предизвикана од пандемијата, не и требаат дополнителни трошоци. Со воведувањето на новата давачка, практично ќе се зголеми цената на горивата, која ќе ги натера граѓаните наместо автомобили да возат велосипеди и тротинети, а земјоделците ќе ги врати на рало и плуг.

Ваква порака упати и премиерот Зоран Заев, кој рече дека целта на новата еколошка такса е да се зголеми свесноста за екологијата, односно граѓаните наместо автомобили да возат велосипеди, тротинети и електрични возила. Според него, новата давачка нема да влијае врз стандардот на граѓаните и врз инфлацијата, а нафтата и бензините ќе останат со најниски цени во регионот. Парите од еколошката такса ќе одат долгорочно во инвестирање во обновливите извори на енергија, ветерници, гасни електрани.

Со новата еколошка такса се очекува да се зголемат директните трошоци на земјоделците бидејќи нафтата е еден од основните инпути. Тоа ќе предизвика и раст на цените на прехранбените производи и поголем инфлациски притисок во економијата.

-За секоја земјоделска механизација се користи гориво. Со скапо гориво никој нема да сака да се занимава со земјоделство бидејќи нема да му биде исплатливо. Ќе треба да се вратиме назад и да ораме со рало и плуг. Поскапата нафта не само што ќе ни ги зголеми трошоците на производство ќе ги зголеми и цените на земјоделските производи, а тоа ќе влијае на другите прехранбени производи, реагираат земјоделците.

И економистите потврдуваат дека штета од зголемувањето на цената на горивата ќе имаат сите индустриски гранки, а несомнено ќе влијае врз зголемувањето на инфлацијата. Како резултат на еколошката такса, ќе растат цените на основните прехранбени продукти.

Според бизнисмените еколошката такса силно ќе удри и врз така кревката економија, која трпи и во иднина ќе трпи огромни последици од ковид-пандемијата.

-Како последица на кризата веќе имаме забележлив пораст на цените, што само ќе се засили со воведување на еколошка такса. Еколошкото оданочување кое има функција на дестимулирање на однесувања и активности кои придонесуваат кон загадувањето, треба да има приоритет, но и неговото воведување мора да има одредена динамика. Воведување на ад хок решенија создаваат непредвидливост и несигурност што директно негативно влијае на намалување на активноста на стопанството, велат од Сојуз на стопански комори.

И од другите стопански комори се согласни дека ова е дополнителен трошок за компаниите кој не потребен во време на криза. Тие очекуваат средба со Владата на која ќе ја разгледаат можноста за одложување на примената на новата еколошка такса која треба да почне да се применува од 1 јули.

(А.С.)