Посебни паркинг места за бремени жени – возачи

83

Низ Скопје ќе се одбележат паркинг места кои ќе бидат наменети исклучиво за бремените жени кои се возачи на автомобили. Станува збор за проектот „Безбедни семејни зони“ што го реализира АМСМ, а во соработка со МВР, Град Скопје и ЗЕЛС.

– Проектот „Безбедни семејни зони“ е насочен за заштита кон децата кои учествуваат во сообраќајот и бремените жени, кои исто така учествуваат во сообраќајот. Со неговата реализација се праќа силна порака за заштита на бремените жени и децата до 3-годишна возраст и се овозможува дефинирање безбедни семејни паркинг зони, на кои ќе можат да паркираат бремени жени или родители на деца до 3-годишна возраст – ова го изјави вчера министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по повод обележувањето на паркинг местата за проектот „Безбедни семејни зони“.

Како што информираше Спасовски, овој проект е во фаза на имплементација целосно во Скопје, а ќе се продолжи да се реализира и во Велес, Куманово, Охрид и други градови, со цел да се опфати територијата на целата држава и на тој начин да се подигне безбедноста во сообраќајот.

Според скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, вакви „безбедни зони за паркирање“ за бремените жени и за родителите на деца до тригодишна возраст, се обезбедени во општините Центар, Чаир и Велес, во станиците за технички преглед на АМСМ, но и во речиси 12 зони за паркирање на јавното претпријатие „Градски паркинг“.

-Ќе издвојам неколку локации: во Клиничкиот центар, за Клиниката за гинекологија и акушерство каде што имаме обележани четири вакви паркинг-места, пред болницата „8 Септември“ имаме уште три, а исто толку обезбедивме и пред Зоолошката градина. Или, во рамките на  „Градски паркинг“ засега имаме вкупно 27 вакви паркинг-места. Лично се залагам оваа бројка во иднина значително да ја зголемиме. Воедно, работиме и на зголемување на бројот на обележани паркинг-места и за лицата со посебни потреби. Засега, проектот е малку повеќе сконцентриран во градот Скопје, со оглед на  зголемениот сообраќај и недостигот од паркинг-места. Но, многу скоро истото ќе се реализира и во други општини, како Охрид, Велес, Битола, Тетово, Штип, Куманово, односно во поголемите градови каде што учесниците во сообраќајот се соочуваат со истиот недостиг од паркинг-места – најави Шилегов.