Породилно отсуство ќе има и за татковците, за да учествуваат во грижата за децата во првата година

242

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска најавува дека наскоро ќе почне јавната дебата околу новиот закон за работни односи во кој, меѓу другото, ќе има новини и за породилното отсуство кое како што е претходно најавено, се продолжува на 12 месеци.

Таа вели дека ново ќе биде тоа што ќе има татковско родителско отсуство што ќе овозможи таткото да учествува во грижата за детето во првата година од неговиот живот.

-Ова законско решение е во финална фаза со последните консултации што ги правиме со социјалните партнери и многу брзо, се надевам до крајот на месецов ќе ја отвориме јавната дебата за траењето и условите на породилното отсуство. Сакам да истакнам дека воведуваме новина. Воведуваме татковско родителско отсуство. Значи, и таткото ќе учествува во грижата за детето во првата година од неговиот живот, информира Шахпаска.