Рускиот бизнисмен Владислав Доронин, кој беше во долга врска со светски познатата манекенка Наоми Кембел, поднесе тужба против неговата поранешна девојка бидејќи, како што тврди, таа не му ги вратила парите што ѝ ги позајмил. Точниот износ засега не е познат, според „Инсајдер“. Владислав тврди дека покрај парите, Наоми не сака да му врати и дел од неговите работи чија  вредност е од околу три милиони долари. Манекенката Наоми Кембел на судот ќе мора да докаже дека не му должела голем износ на своето поранешно момче.

Доронин го изградил своето богатство преку недвижности, а денес е сопственик и претседател на управниот одбор на „Аман ресортс“. Не е познато зошто, по седум години, тој одлучи да покрене тужба и да побара од поранешна девојка да му ги врати парите. Владислав и моделот беа во врска од 2008 до 2013 година. Тогаш тој ја опсипуваше со подароци и луксузни крстосувања со приватна јахта, а често престојуваа и во неговата вила на приватниот остров Клеопатра во Турција.

Моделот сè уште не се огласи во медиумите за новонастанатата ситуација. Но, ова не е првпат таа да се најде во центарот на скандалите. Зад себе има неколку инциденти, вклучувајќи го и нападот врз папарацото кој се обиде да ја сними додека била на одмор на Сицилија со Доронин. Го удрила со чанта по глава, му го изгребала окото, за што ѝ била изречена условна казна затвор во траење од шест месеци.