Хуан Карлос Први (82) кој ја водеше државата во транзицијата од диктатура до демократија, ја напушти Шпанија откако неговото име беше поврзано со истрага за можна корупција. Во игра се стотина милиони долари кои Саудиска Арабија тајно ги уплатила на неговата сметка во Швајцарија.

Во писмо до својот син, кралот Фелипе Шести, напиша дека оваа одлука ја носи „поради реакцијата на јавноста која ја предизвикаа некои одредени настани од мојот приватен живот“.

Шпанските и меѓународните медиуми веќе некое време известуваат за наводните сомнителни финансиски работења на поранешниот крал, кој сега има 82 години, и за обидите на неговиот син да се дистанцира од таткото.

„Пред една година изразив волја за престанување на вршењето на институционалните активности. Сега, воден од желбата за што подобро служење на шпанскиот народ, нивните институции и Вам како крал, Ви ја пренесувам својата одлука за преселување надвор од Шпанија“, му напиша Хуан Карлос на синот.

Тоа е одлука која ја носам со тага, но со мирен ум. Бев крал на Шпанија речиси четириесет години и во текот на целото тоа време секогаш го сакав најдоброто за Шпанија и за круната“, додаде тој.

Поранешниот крал најверојатно отпатувал во Доминиканската Република, објави весникот Вангардиа, без да го наведе изворот на информацијата.

На почетокот на јули шпанскиот премиер Педро Санчез кажа дека е вознемирен поради загрижувачките информации за поранешниот крал Хуан Карлос кој е осомничен за корупција во врска со Саудиска Арабија. „Очигледно е дека ние, шпанскиот народ во целост, добиваме загрижувачки информации кои нѐ вознемируваат, па така и мене“, му кажа Санчез на новинарот кој го праша дали ѝ нанесуваат штета на монархијата информациите за поранешниот крал кој во 2014 се откажа од престолот во корист на синот Фелипе.

Швајцарското и шпанското правосудство водат истрага за стотина милиони долари кои Саудиска Арабија тајно ги уплатила на сметка на Хуан Карлос Први во Швајцарија.

Шпанскиот врховен суд во јуни објави дека отвора истрага за да утврди евентуална одговорност на поранешниот крал, но исклучиво за дела извршени по абдицирањето. Тој е осомничен и дека пари од непознато потекло префрлил на сметката на поранешната љубовница, германската претприемачка Корина Ларсен, на Бахамите.

Кралската палата на својата интернет страница, каде е објавено официјалното писмо, истакна дека кралот ја истакнува „историската важност на владеењето на својот татко во служба на Шпанија и демократијата“ и ги потврдува принципите и вредностите на кои се темелат шпанскиот устав и правниот поредок.

Фелипе Шести на крајот на март објави дека се откажува од наследството од татко му и дека му ја укинува годишната рента од речиси 200 илјади евра државни пари кои до тогаш му се исплаќаа.

Хуан Карлос дојде на тронот во 1975 година по смртта на диктаторот, генералот Франциско Франко и уживаше голема почит поради својата улога во трансформацијата на Шпанија од диктатира во демократија. Но, неговата популарност значително опадна поради серијата скандали кои го примораа да отстапи од престолот.