Поранешниот ФЦЛ „Амбиенте“ не излегува од „Дрисла“

234

Поранешниот италијански консеционер – фирмата „ФЦЛ Амбиенте“ не сака да излезе од „Дрисла“ иако нема формално-правен основ за тоа. Тоа денеска го обелодени скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

– Иако во формална смисла нема никаква постапка за избор на концесионер, бидејќи со одлука на Градот таа е прекината, порано избраниот партнер сè уште е внатре во Дрисла и стопанисува без никаков правен основ – обелодени скопскиот градоначалник.

Тој истакна дека иако Градот ги завршил сите постапки кои значат преземање на „Дрисла“ како јавно претпријатие, Централниот регистар не дозволува тоа да се регистрира како такво.

– За жал Централниот регистер има спротивен став од ставот на Градот. Меѓутоа, треба да се земе предвид дека по девет години не смееме да ја испуштиме оваа шанса „Дрисла“ да стане капацитет на Градот – изјави Шилегов.

На новинарско прашањето дали се гори опасен отпад во „Дрисла“, Шилегов одговори дека бидејќи Дрисла е капацитет со А-лиценца, контролата ја врши државниот инспекторат.

– Она што го знам е дека во „Дрисла“ не постои погон во кој може да се согорува друг вид опасен отпад, освен медицинскиот, за што е наменет инсцелераторот. Нема техничка можност за тоа. Да се завршеше постапката со „Дрисла“, беше предвидена инсталација за тоа – истакна Шилегов.

Советниците на Град Скопје на вонредната седница што се одржа на 17 јули годинава ја поништија одлуката што сами ја донесоа еден месец претходно за избор на конзорциумот предводен од „Шолц“ (ScHOLZ AG) за приватен партнер (концесионер) на депонијата. Со тоа се поништи постапката за избор на концесионер од пред 8 години, а со депонијата засега ќе управува Градот.

Ваквата одлука ја поддржаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, а градоначалникот Петре Шилегов тогаш истакна дека со ова се создава можност да се исправи она што било направено изминативе осум години.

(А.П.)