Поранешниот тајвански претседател Ма во историска посета на Кина

40

Поранешниот тајвански претседател Ма Јинг-јеу денеска отпатува во Кина, со што стана првиот поранешен или актуелен тајвански лидер што ја посетил земјата. Се предвидува тој да престојува во 12-дневна посета, јави ДПА.

Патувањето на Ма доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Кина и Тајван. Вчера Хондурас ги прекина односите со Тајван и воспостави дипломатски врски со Кина. Дипломатскиот неуспех дојде само неколку дена пред планираната посета на тајванската претседателка Цаи Инг-вен на Гватемала и Белизе, почнувајќи од 29 март.

Портпаролката на претседателската канцеларија на Тајван, Оливија Лин, денеска го повика Пекинг да го прими Ма како поранешен државен лидер во согласност со меѓународниот дипломатски бонтон.

Пред да замине, 73-годишниот Ма, од опозициската Кинеска националистичка партија (КМТ), рече дека сака да им оддаде почит на своите предци за време на неговото прво патување во Кина и да организира студентска размена.

Мишел Лин, портпаролката на про-независната Демократска напредна партија (ДПП), денеска го критикуваше патувањето на Ма, велејќи дека КМТ го игнорира фактот дека Кина го потиснува Тајван. Некои други опозициски партии, исто така, го повикаа Ма да го откаже своето патување.

Ма ќе предводи делегација од поранешни тајвански функционери и студенти, којашто ќе посети неколку кинески градови, меѓу кои се Нанџинг, Вухан, Чангша, Чунгкинг и Шангај. Покрај тоа, најавено е дека може да им оддаде почит на своите предци во провинцијата Хунан во текот на претстојниот Фестивал на чистењето на гробовите.