Поранешниот претседател на Светската атлетска федерација (ИААФ), Ламине Диак (87), е осуден на две години затвор за корупција во францускиот суд. На Диак, кој беше претседател на ИААФ од 1999 до 2015 година, му беа изречени уште две години условна казна и парична казна од половина милион евра, сето тоа за допинг афера, односно прикривање на допинг скандал.

Имено, 87-годишникот беше обвинет за неколку корупциски скандали, но беше ослободен од обвиненија за перење пари. Неговиот син Папа Масата одби да биде екстрадиран од Сенегал во Париз, па му се судеше во отсуство.

Поранешниот советник за маркетинг на ИААФ беше казнет со еден милион евра. Останатите четворица обвинети – Габриел Доле, поранешен шеф на анти-допинг единицата на ИААФ, советникот на Ламине Диак, Хабиб Сисе, Валентин Балахничев и Алексеј Мелников – исто така беа прогласени за виновни. Доле доби три, а Сисе две години затвор.

Ламине Диак ги прикри руските случаи за допинг за да можат нивните спортисти да се натпреваруваат на големите митинзи, вклучувајќи ги и Олимписките игри во Лондон 2012 година и Светското првенство во 2013 година во Москва, а за возврат земал голема сума пари. Истражителите заклучиле дека тој собрал 3.45 милиони евра од спортистите за да ја прикрие нивната допинг афера. Покрај тоа, е обвинет за земање пари за финансирање на изборната кампања на Меки Сал за претседател на Сенегал во 2012 година, веднаш по заштитата на руските спортисти.

Судијката Роуз-Мари Хунол изјави дека Диак бил вклучен во шема што им нуди целосна заштита на руските натпреварувачи. Сè уште не е познато дали тој ќе мора да оди во затвор, бидејќи помина две години во домашен притвор во Париз. Претходно ова лето, обвинителите побараа четиригодишна затворска казна за поранешниот претседател на ИААФ.

Главната теза на одбраната против затворска казна беше да му се овозможи достоинствена смрт, да биде опкружен со неговите најблиски.

Папа Масата е обвинет за перење пари, а тврди дека неговиот татко е жртва на „англосаксонска завера“ и ги уверил сите дека и двајцата се невини. Освен тоа, им се суди за корупција на Олимписките игри 2016 и одложените игри во Токио 2020 година.