Поранешниот претседател на Бразилскиот олимписки комитет (БОК), Карлос Артур Нузман, е осуден на затворска казна од 30 години и 11 месеци поради корупциски активности при изборот на Рио де Женеиро за домаќин на Олимписките игри во 2016 година. Нузман (79) е прогласен за виновен по сите точки од обвинението за корупција, злосторничко здружување, перење пари и даночно затајување.

Во истата постапка на затворски казни се осудени и поранешниот гувернер на Рио де Женеиро, Сержио Кабрал, бизнисменот Артус Соареш и главниот оперативец во Организацискиот комитет за Игрите 2016., Леонардо Грунер.

Обвинителите потврдија дека тројцата, заедно со Нузман, биле здружени во процесот на подмитување на поранешниот претседател на Меѓунардоната атлетска федерација (ИААФ), Сенегалецот Ламин Диак и неговиот син Папа Диак, кои посредувале во купувањето гласови за изборот на Рио за домаќин на Игрите во 2016.

Францускиот весник „Ле Монд“ објави резултати од истрагата со која е утврдено дека членови на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) биле поткупени три денови пред гласањето во кое бразилскиот град ги побед Чикаго, Мадрид и Токио.