Поранешниот премиер на Русија: Преговорите се камуфлажа, Путин не е подготвен на отстапки

237

Тврдењата на Русија дека драстично ќе ги намали воените операции во близина на Киев ги изненади сите на Запад и доведе до прашањето дали тоа е потег што води кон мир или само димна завеса за да може Кремљ да ги организира своите сили.

Ситуацијата во Украина ја коментираше и поранешниот руски премиер, Михаил Касјанов, нагласувајќи дека нема индикации дека рускиот претседател, Владимир Путин, е подготвен на отстапки.

Москва вети дека ќе ги намали операциите околу главниот град на Украина со цел да ја зголеми меѓусебната доверба во преговорите меѓу Русија и Украина, а западните власти сугерираат дека станува збор за купување време.

Михаил Касјанов, кој беше премиер на Русија од 2000 до 2004 година, за време на првиот претседателски мандат на Путин, зборуваше за Sky News за тоа што би можеле да значат мировните преговори.

„Мислам дека нема индикации дека Путин е подготвен да направи какви било отстапки. Тој сака да има наместени преговори со Украина само за да му покаже на целиот свет дека сака мир, но, мислам дека тоа е само еден вид камуфлажа“, рече тој.

Во интервју за британскиот медиум ЛБЦ, тој рече дека „Путин треба да се плаши“, а притоа изнесе аргументи за воведување зона на забранети летови над Украина од страна на НАТО.

„Да се воспоставеа такви мерки, тој ќе беше шокиран“, додаде тој.

Касјанов истакна дека Путин веќе е изненаден од одговорот на Западот на војната во Украина.

„Тој мислеше дека ова ќе биде исто како анексијата на Крим“, рече тој.

Тој повтори дека целата ситуација сè повеќе го лути Путин, бидејќи неговите операции не се одвиваат според посакуваното.

На прашањето дали Путин ќе се соочи со гневот на рускиот народ поради бруталната инвазија на Украина, Касјанов рече: „Не за краток временски период, но на долг рок – да“.

„Тие ќе ги согледаат вистинските причини и вистинските извори на проблемите што ги имаат. Ќе бидат потребни децении да се плати за она што Путин и го направи на оваа земја“, рече тој.

На крајот тој додаде дека се додека „Украина продолжува да се брани и да победува во оваа војна, тоа значи дека дојде почетокот на крајот на ерата на Путин“.