Поранешната Прва дама, Мишел Обама, како домаќинка на шоу за готвење поттикнува здрави навики кај најмладите

101

Мишел Обама, која отсекогаш беше поборник за здрави навики кај најмладите, уште во Белата куќа покрена кампања за борба против дебелината кај децата, а сега и со нова емисија на Нетфликс ќе се обиде да ја зајакне свеста за важноста на здравата исхрана. 

Мишел уште за време на првиот мандат на нејзиниот сопруг, поранешниот претседател, Барак Обама, засади органска зеленчукова градина на тревникот во Белата куќа и ја започна кампањата „Ајде да се движиме“ (Let’s move), со цел да пркоси на најголемата закана меѓу младите во Америка- дебелината, а во врска со истата тема е и нејзиниот последен проект – едукативно и кулинарско шоу „Вафли + Мочи“ кое се дава на Нетфликс и е наменето највеќе за најмладите.

Поранешната прва дама истовремено е и продуцент и главна ѕвезда на шоуто и одлично се снајде во улогата на г-ѓа О. – сопственичка на супермаркет која ја посетуваат две кукли: Вафла (коja e половина Јети, а половина замрзната вафла) и нејзината партнерка со големина на дланка – Мочи.

Дуото доаѓа од „земјата на замрзната храна“, која симболизира прехранување без многу готвење и знаење за намирниците. А, бидејќи двете пријателки сакаат да се вработат во одделот за сортирање храна, условот е прво да се едуцираат за нутритивната вредност на храната, нивното потекло и начинот на подготовка.

Најпосле, таа откри како ги охрабрила своите ќерки да се навикнат, па дури и да ја засакаат здравата храна.

 За да ги охрабрите децата да пробаат нова храна, вклучете ги во процесот на садење во градината, набавката на намирници, готвењето. Ова го научив од примерот со моите ќерки Саша и Малија – тие не сакаа ниту спанаќ ниту брокула, но кога ги засадија и гледаа како растат, им станаа поинтересни. Почнаа да гледаат на зеленчукот сосема поинаку – рече Мишел.