Поранешната жена на Ал Багдади: Се омажив за нормален човек, професор на Универзитет

170

Лидерот на т.н. Исламската држава Абу Бакр Ал Багдади е убиен во текот на изминатив викенд, а покрај него биле убиени и две жени кои носеле елеци со експлозив, кои не експлодирале, како и три деца.

Овој терорист САД долго време го барале, а американскиот претседател Доналд Трамп рекол дека воената операција во која бил убиен лидерот на ИСИС, Абу Бакр Ал Багдади е позначајна од убиството на Осама бин Ладен во 2011-та година во текот на владеењето на Обама.

Пред две години, поранешната сопруга на најбараниот човек на светот – шефот на ДАЕШ – Сага ел Дулајми, дала интервју за шведска телевизија и притоа изјавила дека тогаш се омажила за нормален човек, професор на Универзитет, и дека не знае како завршил како главен на терористичката група.

“Се омажив со нормален човек, универзитетски професор. Во тоа време се викаше Хишам Мухамед”, вели Сага ел Дулајми, поранешна сопруга на лидерот на најопасната џихадистичка група на светот, ИСИС, во интервју за шведската телевизија “Expressen”, кое го пренесе Спутник.

Тоа било прво нејзино интервју откако била пуштена од либанскиот затвор во 2015-та година.

Сага пораснала во конзервативно богато семејство во Багдад. Пред да го сретне човекот кој станал познат како Абу Бакр ал Багдади, веќе еднаш била омажена и од тој брак има двајца близнаци.

Нејзиниот прв сопруг му бил телохранител на Садам Хусеин и убиен борејќи против американските трупи во Ирак само една година по венчавката.

Во Ирак и во муслиманските заедници е дозволено оженети мажи да оженат вдовици, за да можат да се грижат за нивните деца. Тие веруваат дека тоа е добро дело за кое ќе бидат наградени по смртта. На овој начин Сага се омажила со Багдади.

“Не забележав дека беше активист на било кој начин. Се преселивме во неговиот дом и таму живеевме. Бевме многумина во истиот стан и тоа беше тешко. Бевме тој, јас и моите деца и неговата прва сопруга и нејзините деца”, објаснува Сага.

Човекот кој во тоа време бил познат како Хишам Мухамед не и кажал на својата прва сопруга дека сака да се ожени по втор пат. И Сага вели дека сака да ја заборави првата средба со првата сопруга на Багдади.

“Тој не зборуваше многу за своето минато. Беше таинствен. Не беше многу зборлив. Се среќававме во вечерните часови. Минуваше денови на универзитетот, каде предаваше религија и шеријат. Понекогаш го немаше на неколку дена. Велеше дека оди да го посети својот брат”, се потсетува таа.

“Не, не бев заљубена во него. Не го сакав. Тој беше мистериозен човек. Не можеше да се води расправа или нормален разговор со него”.

“Во вечерните часови, кога доаѓаше дома, најчесто вечеравме заедно…Тој даваше наредби, ништо повеќе”, вели таа.

Го оставила по само три месеци брак без да знае дека е бремена. Нивната заедничка ќерка Хогар сега има 11 години.

“Таа ја понесе сета тежина на своите раменици. Што се децата виновни за сето тоа? Не е таа виновна што е ќерка на најбараниот терорист на светот”.

По сите нејзини проблеми во Ирак и Сирија, каде се преселила по инвазијата на Ирак, Сага вели дека сака да живее во Европа, а не во Арапските земји.

“Што е мојата вина? Јас се омажив со него во 2008-ма година. Сега сме разведени. Јас бев таа која го остави. Јас сум жена која минала низ многу работи и која била во затвор. Да сакав да живеам со Багдади, можев да живеам како принцеза. Не сакам пари. Сакам да живеам на слобода”.

Сага повторно се омажила и добила уште еден син, свое четврто дете.