Поранешниот шампион во НБА лигата, Иман Шамперт (31), кој беше избран за 17. пик на драфтот, денес работи нешто сосема друго. Неговите последни три кратки договори во НБА беа со Бруклин на крајот на 2019 година и почетокот на 2021 година, а денес – танцува!

Имено, во американското шоу „Танц со ѕвездите“ (шоу што го имаше и кај нас пред неколку години), Иман и неговата партнерка на сцената Даниела стигнаа до големата победа.

Концептот на натпреварувањето е таков што паровите ги сочинуваат една славна личност и една професионална танчерка, а Иман и Даниела беа најдобри во 30-та сезона на натпреварувањето.

Така поранешниот кошаркар на Никс, Кливленд, Сакраменто, Хјустон и Бруклин се закити со трофеј кој е невообичаен за кошаркарите.

Се разбира, подобриот дел од овој тандем беше Даниела Карага, ќерка на молдавски емигранти во Њујорк. Професионално танцува долги години, а како девојче доминирала на натпреварите ширум светот. Меѓу другото, победи на државните натпревари во САД, а беше редовен учесник и на Светските првенства.

Во шоуто кое го гледаа милиони ширум Америка, таа ја воодушеви публиката со својот танц, но и со својата убавина, додека нејзиниот партнер Иман Шамперт играше многу подобро од очекуваното.

Иако има само 31 година, ова можеби ќе го убеди да не се враќа во НБА лигата, каде со Кливленд освои прстен пред неколку години. Ако размислува за друга кариера, сигурно сепак би можел да напредува и во латино танците.