Порака на Италијанецот кој дипломираше на 97 години: Учи и никогаш не се откажувај!

103

Џузепе Патерно (97) неделава стана најстариот Италијанец кој дипломирал, а по тој повод на Универзитетот во Палермо беше одржана свеченост на која му беше врачен и Ловоров венец.

На свеченоста на која Патерно ја доби дипломата за завршени студии по историја и филозофија, беше пречекан од директорот Фабрицио Микари, а присуствуваа неговите деца, внуци и правнуци.

„Учи и никогаш не се откажувај“, порача Патерно кој сега има намера да продолжи со постдипломски студии и да ги заврши пред да наполни 100 години.

Џузепе бил роден во 1923-та година во сиромашно семејство, па цел живот приоритет му била работата, а не студирањето. Во младоста работел како доставувач, а потоа и во пивара. На 31 година станал геодет, а се пензионирал како работник во железницата.

Пензионерскиот живот му дал толку слободно време кое Џузепе го искористил во читање на книги и на својата голема страст – историјата. Така, во 2017 година на свои 94 години тој одлучил да се запише на студии по историја. Неговата академска кариера била успешна и студиите ги завршил со високи оценки.