Поради евтината струја компаниите бараат во недела да се работи за да ги задржат работниците

Поради енергетската криза и потреба од заштеда на електричната струја, односно користење струја по пониска тарифа, компаниите бараат во недела да се работи за да се спасат работните места и да не се затворат капацитетите. Скапата струја веќе почна да ги затвора големите бизниси. Поради кризата, загрозени се скоро сите компании што набавуваат струја на слободниот пазар

364

За да се искористи евтината струја, компаниите од индустријата и од производството бараат во недела да се работи. Работодавците велат дека поради моменталната енергетска криза и цената на струјата, ова е едно од решенијата да се задржат работните места и да не се затворат производствените капацитети, кои се големи потрошувачи на струја. Стопанската комора на Македонија го оспори Законот за недела неработен ден и поднесе иницијатива до Уставниот суд. И компаниите од Сојузот на стопански комори, кои беа за донесување на Законот за недела неработен ден, поради моменталната ситуација со енергетската криза, бараат да работат во недела.

-Во однос на прашањето за регулирање на денот недела како ден за одмор, Сојузот на стопански комори на Македонија, по спроведена анкета, изрази став дека почитувајќи ги вредностите на семејниот живот, добро е ова прашање да биде правно регулирано, по што беа направени и законски измени. Но, новонастанатата состојба со енергетската криза наметнува поинаква динамика на активности и потреба од ставање акцент на заштеда на електричната енергија, однос користење струја по пониска тарифа. Затоа сметаме дека треба да има проширување на дејностите што се изземени од законското решение за недела неработен ден, со опфат на претпријатија што се занимаваат со производна дејност, со цел да им се создадат услови да работат во недела кога има струја по ниска тарифа – изјавија за ВЕЧЕР од ССК.

И претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, смета дека во недела треба да се работи за да се искористи евтината струја, која е многу скапа за компаниите што се на слободниот пазар.

-Основата на сите проблеми произлезе од несоодветното толкување на законското решение. Се искористи кризниот момент за да се наметне недела неработен ден, но се заборави на индустријата и на производството, кои не смееја да запрат. Сега се покажа дека за некои сектори и дејности, законското решение недела неработен ден е неприменливо, што дополнително ја усложнува ситуацијата. Сега, поради евтината струја во недела, сè поголем е бројот на дејности и сектори што бараат да работат во недела – изјави Бошков за ВЕЧЕР.

Тој смета дека само се гушиме во администрација и бирократија и носиме законски решенија што не се во корист на индустријата и на производството и влијаат на намалување на стандардот на граѓаните.

-Поради енергетската криза во моментот, подобро е друг ден во неделата да биде ден за одмор. Тоа постоеше и во претходниот закон и беше главно решение според регулативите на Меѓународната организација на труд и европската регулатива. Доколку работниците работат во недела, ќе добијат дупла дневница и слободен ден, а компаниите ќе заштедат со тоа што ќе работат во недела, кога има струја по ниска тарифа – вели Бошков.

Од Бизнис-конфедерацијата до Владата поднеле барање микро и малите претпријатија да не бидат тарифирани според индустриската струја, но сè уште не добиле одговор.

– Работното време го организира работодавецот. Ако поради економската ситуација и цената на струјата тој одлучи работниците да работат во недела, мора да ги запази сите одредби од Законот за работни односи. Доколку се исполнат сите овие услови, не гледам причина да не функционира ова. Во секој случај, подобро е да се работи во недела отколку да се отпуштаат работниците од работа – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавците на Македонија.

Во секој случај, работодавецот е заинтересиран компанијата да опстане и да ги задржи работниците на работа, што, според него, во вакви услови, е обид да се изнајде начин да се надоместат последиците од високата цена на струјата за да може компанијата да опстане.

– Енергетската криза во наредниот период ќе биде уште поизразена, бидејќи цените на берзите уште растат. Компаниите сè уште немаат понуда од некоја домашна енергетска компанија за поевтина струја, а целото домашно производство на струја оди за домаќинствата и за малите потрошувачи. Големите компании набавуваат струја на слободниот пазар, каде што цената отиде над 700 евра за мегават-час – вели Димитров.

Скапата струја веќе почна да ги затвора големите бизниси. Поради кризата, загрозени се скоро сите компании што набавуваат струја на слободниот пазар. Компанијата „Еуроникел индустри“, која управува со фабриката за преработка на никел во Кавадарци (ФЕНИ), веќе ја угаси печката и голем дел од вработените се пратени на принуден одмор. Поради високата цена на струјата, и рудникот за бакар „Боров Дол“, поранешен „Бучим“ од Радовиш, е во застој, каде што, исто така, работниците се пратени на принуден одмор со 70 отсто од платите. Работата во компанијата „Mакстил“ (Железарница Скопје) засега не е запрена, бидејќи во август платила огромна сметка за струја.

 (А.С.)