Најзаслужните спортисти и спортски работници за 2019 година ги добија наградите „13 Ноември“ што се доделуваат по повод ослободувањето на град Скопје. За најдобар спортист е прогласен маратонскиот пливач, Евгениј Поп Ацев, додека кај дамите наградата отиде во рацете на каратистката Симона Заборска.

Со првото место на светската ранг-листа во маратонско пливање и шестото место во генералниот пласман на 10 километри (олимписка дисциплина), Поп Ацев сосема заслужено дојде до оваа престижна награда. Од друга страна, кај дамите наградата ја доби Заборска која имаше феноменална година. Таа во својата кариера беше член на сите возрасни категории во репрезентацијата, а најдобри резултати годинава ѝ се второ место на Универзијадата во Португалија, трето место на Младинските олимписки игри во Азербејџан, трето место на Универзијадата на боречки спортови во Загреб…

Наградата „13 Ноември“ за најдобар тим сосема очекувано замина кај актуелниот европски и македонски ракометен шампион, екипата на Вардар. Покрај овие две титули „црвено-црните“ го освоија и трофејот во СЕХА Гаспром лигата.

За најдобар тренер наградата замина во рацете на Билјана Црвенкоска, која како помошник на ракометниот клуб Вардар успеа да дојде до големи успеси на европска и домашна сцена.

Најдобри професори по физичко воспитување се прогласени Седат Бафтија од ОУ „Лирија“, како и Венцислав Рангелов од гимназијата „Никола Карев“. Награда за спортски работници добија Иван Михајловски (триатлон) и Живко Тасевски (карате), додека спортски работници за животно дело: Александар Домлевски (кошарка), Андреа Јовановски (стрелаштво), Ѓорѓи Ајановски (бокс), Димче Јосифовски (коњички спортови) и Иван Лесевски (скијање).