„Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско“ – зборник трудови на Институтот за македонска литература

57

„Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско“ е насловот на зборникот трудови кој е објавен во издание на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

„Зборникот содржи истражувања и културолошки погледи за вековното културно наследство од овој простор на Македонија. Од него се согледуваат позитивните примери од практиката во заштитата на културното наследство во Скопје и во скопскиот регион, за развивањето свест за неговото исклучително значење, како и за негова афирмација. Но ќе останат предупредувачки и препораките до институциите од областа на културата, до градот Скопје и локалната самоуправа, како и до владините институции и до пошироката културна и туристичка јавност, да се сочува и да се негува културното наследство како колективна историска меморија и како современа афирмирана културна препознатливост“, ќе посочат од ИМЛ.

Зборникот ги содржи научно-културолошките презентирања на Конференцијата одржана во Институтот за македонска литература во Скопје на 11 април во 2019 година, како дел од истомениот проект поддржан од Градот Скопје. Во циклусот Културолошки погледи на мобилност се застапени шест структурно осмислени истражувања и културолошки коментари со теми што ги третираат континуитетот на културноисторискиот развој и разновидните форми на популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско. Авторите се истакнати авторитети од престижни академски, научни и културни институции во Скопје, кои досега оставиле препознатливи резултати во областа на македонската духовна, културноисториска, книжевна и писмена традиција – но и во областа на музеологијата, конзервацијата и социологијата на културата.

„Овој тематски циклус почнува со истражувањата на Ѓоко Ѓорѓевски за религискиот аспект на сакралното културно наследство во Скопје и Скопско, интерпретирајќи ја и толкувајќи ја улогата на религијата тесно поврзана со значаен дел од историската, духовната, културната и уметничката традиција. Валентина Миронска-Христовска ја проследува традицијата на односот кон книгата во градот Скопје во периодот на Просветителството и на Преродбата од XVI до XIX век, Сарита Трајанова се фокусира на културните институции во градот Скопје, Славчо Ковилоски ги концентрира истражувањата врз културното наследство во еден микро-ареал Блатија од катлановско-скопската област на Македонија, а третманот на археолошкото наследство во Скопје Валентина Поцеска го поставува во релација на активирање културни политики. Своите истражувања Нада Андоновска ги посветува на нематеријалното културно наследство во Скопје и скопско. Маја Јакимовска-Тошиќ ги елаборира истражувањата за местото и улогата на Марковиот манастир ‘Св. Димитрија’ како еден од повпечатливите духовни и книжевни центри во скопско, што со својата исклучителна книжевна и писмена традиција го збогатила македонското културно наследство со сведоштвата за истакнати книжевни дејци и сочувани книжевни и писмени споменици од XIV век наваму. Истражувањата на Илија Велев, пак, се посветени на духовните и културните центри на Скопска Црна Гора, како своевидна втора балканска Света Гора – каде што се идентификува духовната и културната традиција на околу 60 евидентирани цркви и манастири од периодот на X/XI и сѐ до XVIII век“, додаваат од Институтот.