Попо да се фрле, во Пробиштип “исчезна” крстот од базен!

232

Како и во минатите години, најмасовно беше во Скопје и во Охрид. Во Скопје, на централната манифестација за Водици, вчера 140 верници учествуваа во трката за крстот во реката Вардар, а најсреќен беше 26-годишниот Кристијан Ниневски од Скопје кој прв стигна до него. Во Охрид, пак, најсреќен меѓу стотината верници беше 30-годишниот Петар Рупески од Варош. Но, речиси како и секоја година, така и годинава овој убав верски празник го одбележаа помали инциденти кои ќе се паметат и раскажуваат

 

Православните верници денеска го славеа празникот Богојавление – Водици, обидувајќи се да дојдат до крстот фрлен во осветените води, бидејќи се верува дека тој што ќе го фати ќе има среќа цела година. Како и во минатите години, најмасовно беше во Скопје и во Охрид, додека пробиштипјани празникот ќе го паметат по тоа што крстот, буквално, исчезна!

Цели 40 минути траеше потрагата по крстот во базенот во Аквапаркот, но откако неколкуте момчиња кои скокнаа во базенот не го најдоа, попот фрли втор крст по кој скокнаа само двајца. Оваа случка беше снимена од присутните и поставена на социјалните мрежи со коментар „Попо да се фрле”, за на крајот гледачите да почнат да прашуваат да не се работи за скриена камера. Целиот настан, како што пренесува мкд.мк предизвика и многу смеа кај присутните, а крстот го извади поупорниот од двајцата верници по име Драган. Инцидент се случи и на централната свеченост за празникот Водици на Камениот мост на реката Брегалница во Штип. Верниците овој чин ќе го запаметат по тоа што двајца од педесеттемина скокачи останаа да лежат во реката Брегалница и да се борат за светиот крст. По неколкуминутното натегање меѓу нив, крстот го зеде оној што не стигна прв до него. Но, и по укажувањето на митрополитот на Брегалничката епархија господин Иларион, тој не сакаше да го предаде крстот. Сепак, разумот преовлада и светиот крст му беше предаден на Наумче Балевски, кој беше најбрз и му беа доделени пригодни подароци.

Во Скопје, на централната манифестација за Водици, пак, денеска 140 верници учествуваа во трката за крстот во реката Вардар, а најсреќен беше 26-годишниот Кристијан Ниневски од Скопје кој прв стигна до него. Тој и лани го извади светиот крст од водите на реката Вардар.

 

“Чувството е прекрасно, Бог се јави… Минатата година ми донесе синче, здравје, среќа на мојата фамилија, тоа им го посакувам на сите. Посакувам секоја година што поголем број да бидеме и Бог да даде сите што скокаат по крстот да го осетат ова чувство. Минатата година добив икона, библија, крст и ланче – изјави Ниневски за медиумите.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која присуствуваше на манифестацијата им го честиташе празникот Богојавление на сите христијани и им посака среќа, радост и успеси.

“Ова е дел од нашите христијански традиции меѓутоа и од традициите на македонскиот народ кои секоја година ги прославуваме и одбележуваме. Тие се победа над искушенијата и доказ дека ако си издржлив, ако си упорен успехот следи. Во овие моменти сакаме да ги упатиме пораките на обединетост, пораките на спокој, радост, среќа и успех во година во која очекуваме добри вести за нашата татковина“, потенцираше меѓудругото Шекеринска.

Најсреќен меѓу стотината верници кои денеска се фрлаа по светиот крст во осветените води на Охридското Езеро, беше 30-годишниот Петар Рупески од Варош. Рупески, годинава, светиот крст го фати по петти пат.

“Посакувам секој да го фати крстот и да го доживее она што не можам да го опишам со зборови. Ова ми е петти пат како го фаќам крстот и секое фаќање ми носи нови возбуди. Се надевам дека и оваа година, како претходните, ќе ми донесе многу успех“, изјави 30-годишниот Рупески кој им порача на луѓето верба во Господ. Тој  очекува оваа година неговото семејство да добие принова.

На чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро што го спроведоа великодостојници на Дебарско-кичевската епархија присуствуваа десетина илјади луѓе, православни верници од Охрид и од други делови на Македонија, но и гости од странство, меѓу кои и делегации на збратимените градови на Охрид.

Инаку, потребна беше одважност на студеното време да се влезе во езерските води чија температура според утринските мерења изнесуваше шест степени.

Први на најсреќниот денескаму честитаа владиката Тимотеј и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кои го дарува Рупески со златно ланче и икона со ликот на Свети Јован Крстител. Тоа го сторија и лидерите на најголемите партии во земјата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски кои присуствуваа на церемонијата.  “На сите наши граѓани православни верници им го честитам големиот празник, кога се раѓаме повторно во верата наша, кога веруваме во заедништвото, кога си помагаме меѓу себе во верба за нов почеток за нешто добро. На Петар, неговото семејство и на целиот македонски народ да му носи среќа, затоа што крштевањето Христово е голем симбол за сите нас православни христијани кои веруваме дека навистина носи ново вдахновение за почеток и добро здравје на сите. Нека е честит празникот“, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев кој на сите православни верници им го честиташе празникот Богојавление Христово.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во лично и во име на партијата на сите граѓани им посака здравје, среќа и бериќет за нивните семејства, а оваа година да биде година на обнова.

Празнувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжува и утре на празникот Свети Јован Крстител, односно во Охрид познат и како Денот на рибарите, кога своевремено се означуваше крај на сезонската забрана за риболов. Вчера и во сите останати градови во државата се фрлаше крстот во осветените води, реки, но и базени. Во Дебар, среќникот што го фати крстот кој се фрлаше во базенот во црквата „Света Петка“, беше Бранко Силјановски, ученик во втора година во Дебарската гимназија, во Кичево, пак, среќникот беше 25-годишниот Христијан Врапчевски, кој го фати крстот од осветените води во базенот на поранешниот Дом на АРМ. Меѓу педесетина девојки и момчиња од Битола, Петар Атанасовски беше највешт во водите на базенoт на црквата „Свети Великомаченик Димитриј“ и го извади светиот крст што го фрли митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар.

Во Прилеп пак 26-годишниот Филип Стојановски, успеа по втор пат да го фати крстот од базенот на Аквапаркот на хотелот „Салида“, иако учествувал осум пати во оваа манифестација.