Со изведбата на театарската претстава „Бог на масакрот“ на НУ Турски театар Скопје синоќа беше спуштена завесата на годинешното 60-то по ред јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“.

Новонастанатите околности наметнати со епидемијата на коронавирусот беше причина ова фестивалско издание да се одржи во термин различен од вообичаениот, пред строго ограничен број гледачи, но да го задржи високото реноме што фестивалот успешно го гради и надградува веќе шест децении.

Изминатите 27 фестивалски дена вљубениците во музиќката и театарската уметност можеа да ја почувствуваат магијата на фестивалот, во 26 концерти и шестте театарски претстави, изведени на сцените на Античкиот театар, „Света Софија“, предворјето на црквата и „Одлни Сарај“.

– Уметноста, естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави кои ги понудивме на 60. фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и театарот се храна за човечкиот дух и во кризни времиња како ова – времето на короната. Бевме пример дека може да се реализира врвна манифестација и покрај сите протоколи што ги предвиде Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Покажавме дека културата е таа која може да го промени светот, да го преобрази, да ја победи и болеста, и за миг да внесе убавина во нашето секојдневие.
Музиката и театарот нѐ обедини сите, станавме посилни и барем за миг, ги оттргнавме мислите од статистичките бројки на оваа страшна пандемија, изјави директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на церемонијата на свеченото затворање на Фестивалот.

Taa потсети дека приказната „Охридско лето“ започна пред шест децении со
оперската певица Ана Липша Тофовиќ, чие семејство добива плакета по повод јубилејот, а во знак на неизмерна почит и благодарност кон певицата која го одржа првиот концерт на фестивалот.

Годинешното јубилејно издание, според Поповиќ, немаше да биде беспрекорно организирано без тимот на фестивалот кој професионално,  посветено и неуморно работеше на реализацијата на фестивалските вечери, без селекторите на музичката и драмската програма, Даница Стојанова и Александар Поповски, како и без Управниот одбор на фестивалот. Од „Охридско лето“, синоќа беше врачена плакета и до
екипата на документарецот „Медена земја“ за промоција на македонската
култура.