Поплави во Јапонија: Најмалку 16 загинати лица

36

Во петокот вечер почна силен дожд во областа, а во селото Кума вчера беше поплавен дом за згрижување на стари лица. Официјалните лица изјавија дека 14 штитеници на овој дом најверојатно починале, додека тројца покажувале знаци на хипотермија.

Околу 60 лица останале заробени во вториот дом за згрижување на стари лица, а спасувачката операција, во која учествуваат до 10.000 војници на одбраната, крајбрежната стража и противпожарната бригада, продолжи денеска.

Властите побараа повеќе од 75.000 луѓе кои живеат во префектурите Кумамото и Кагошима да ја напуштат областа поради силните дождови што започнаа да паѓаат во петокот вечерта и продолжија до вчера. Евакуацијата на населението не е задолжителна и многумина решија да останат дома, од страв да бидат заразени со корона вирусот , иако официјалните лица забележаа дека засолништата се безбедни и дека се почитуваат сите мерки на заштита.

Поплавите доведоа до прекини на електрична енергија и прекини во телефонските линии, што доведе до одложување на спасувачката операција, а скоро 6.000 домови во Кумамото се уште се без електрична енергија, потврдија надлежните.

Дождот ослабна во меѓувреме, но јапонската метеоролошка агенција го задржа предупредувањето поради лизгање на земјиштето во Кумамото.