Пописот ќе покаже и колку марсовци живеат во Македонија

58

Во овие моменти има услови да се спроведе пописот на терен. За евентуално откажување на пописот во земјава, поради пандемијата предизвикана од ковид-19, може да одлучи Комисијата за заразни болести. Првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски потенцира дека ако Комисијата одлучи дека нема услови да се спроведе овој статистички процес, таа одлука ќе се почитува.

–Ако ситуацијата дојде таква спроведувањето на пописот да биде нецелисходно и Комисијата препорача одлагање, ние апсолутно ќе го почитуваме тоа. Нема да дозволиме никој да биде ставен во опасност и да бидеме причина за ширење на вирусот, истакна Симовски, одговарајќи на новинарско прашање дали ДЗС размислува за одлагање на пописот, имајќи предвид дека расте бројот на новоинфицирани со ковид-19.

И премиерот Зоран Заев не гледа причина да се одложи спроведувањето на пописот, бидејќи, како што нагласи, тој се организира по сите протоколи за заштита.

-Не гледам никаква причини, дури ни во претпоставени околности за повеќе заболени од просекот, да се одложи процесот на попишување и не треба да се одложи, бидејќи тој ќе се одржи по сите предвидени протоколи и мерки за заштита кои се правени во период кога имавме и по 1.800 случаи на ден, рече Заев.

Начинот на пристап на анкетирање, нагласи, е јасно дефиниран преку почитување на безбедносните протоколи и заради тоа процесот не треба да се одложи.

-Веројатно некои земји може да си дозволат да одложат, но тие имаат направено пописи пред десетина години, а ние немаме попис речиси дваесет години. Немањето податоци носи неправди, носи нерамноправност кај граѓаните и нееднаквост, а институциите на локално и централно ниво ги става во положба да работат во магла, во непознато, така што пописот треба да се спроведе од 1 до 21 април со резидентите. Тој е веќе почнат со попишување на дијаспората. Враќање нема, треба сите да преземеме одговорност и да учествуваме во оваа статистичка операција која е најпотребна за развој на економските мерки перспективи и иднина на државата, рече премиерот Заев.

Статистика засега нема податоци од која земја има најмногу попишани преку онлајн апликацијата, и потенцираат дека базата со податоци е целосно заштитена, отфрлајќи ги информациите во медиумите дека деновиве имало хакерски напади на системот за онлајн попишување.

Директорот на државниот завод за статистика информираше дека на првиот конкурс во 15-16 региони не се пријавиле доволен број попишувачи, поради што е објавен дополнителен конкурс што треба да заврши во недела. Нагласи дека секој граѓанин ќе може да се изјасни онака како што сака, а податоците на крај ќе бидат достапни и јавно.

– Ако сакате после пописот, ќе можете да видите и колку марсовци има кај нас. Сè што ќе има како податок ќе биде видливо, рече Симовски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека во првите неколку дена 25.000 граѓани од странство се самопопишани.

-Нашата дијаспора во значителен број е организирана и од верски организации. Од исклучително значење за нас како министерство е да имаме точни податоци за нашите иселеници во светот, односно нашето нерезидентно население за да може да ги доближиме услугите до граѓаните и да креираме подолгорочни политики за спречување на натамошната имиграција. Денеска од тројцата лидери на верските заедници добивме силна поддршка на овој процес со силни пораки кои ќе ги пратат преку својата мрежа до верниците, до иселениците за потребата од самопопишување како најдобриот начин за добивање точни податоци за нашите граѓани таму, рече Османи, кој вчера заедно со првиот човек на статистика оствари средба со лидерите на трите најголеми верски заедници во државава.

– Пред нас се уште дополнителни 45 дена и доколку сите се ангажираме верски заедници, државни институции, медиуми, секој информирајќи ги своите членови од семејството кои се надвор за овој процес мислам дека ќе имаме историска слика за нашата дијаспора и тоа ќе даде значителен импакт во подготвувањето на нашите политики кон дијаспората што ќе има значење и за луѓето тука и тие што се надвор, додаде Османи.

Министерот Османи, од своја страна, изјави дека се користат сите можни начини за информирање на иселениците независно каде живеат, првенствено преку ДКП-та, од каде се добиени различни идеи и планови за контакти со лицата во дијаспората.

– Во наредните денови ќе имам посети низ европските држави каде покрај со моите колеги, ќе имам средби и со претставници на нашата дијаспора за да им пренесам дека сме во фаза на попис, изјави Османи.

Тој додаде дека за информирање на нашите иселеници се користат и социјалните мрежи, МНР има отворено и контакт телефон за дијаспората, а и медиумите имаат важна улога во тој процес, бидејќи нашинците во странство ги следат преку интернет.

– Имаме историска шанса да добиеме јасна слика колку нè има во светот и како тоа да го ставиме во функција на понатамошен развој на државата, но и да им помогнеме на иселениците во нивните секојдневни животи, изјави Османи.

Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам“ вчера започна и кампањата за пописот во државава, што го спроведува Државниот завод за статистика, а ќе ги опфати сите заедници во државата.