Пописот кој требаше да се случи в година напролет, поради предвремените парламентарни избори се пролонгира за 2021 година. Државниот завод за статистика испрати барање до Министерството за правда кое е формален предлагач на Законот за попис од каде, пак, изразуваат подготвеност позитивно да одговорат на предлогот.

Од Статистика појаснуваат дека е меѓународна пракса и искуство, пописните и изборните активности да не се одвиваат паралелно.

Според премиерот Зоран Заев многу е поважно Законот за попис да се донесе во Собранието до крајот на годината, а ваква препорака даде и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

„Верувам дека законот ќе го донесеме и верувам дека проценката на Државниот завод за статистика за тоа кога да се спроведе пописот ќе биде конечна. Многу е важно до крајот на годината законот да го донесеме, дали ќе има попис следната година или 2021 прва, законот мора да го донесеме, оти претпописот успешно помина.

Ја видов изјавата на евроамбасадорот Жбогар, кој апелираше пред сѐ да се донесе законот и многу е важно да го донесеме до крајот на годината. Знаете дека и опозицијата имаше забелешки да се одложи пописот. Сега кога веќе одлучивме изборите да бидат во април следната година, ја губиме пролетта за попис. Овие денови очекувам стручна анализа од Заводот за статистика да предложи до Владата, едната опција е есента следната година. Како ќе предложат тие и ќе испочитуваме“, рече Заев.

Спроведување на пописот во 2021 година, заедно со останатите европски држави беше и едно од барањата на опозицијата. Работни групи последниот обид за да „го поправаат“ законот за попис го имаа пред неколку месеци, кога беа усогласени дел од забелешките што ги имаше опозицијата.

Македонија е без попис на населението цели 17 години. Последниот обид во 2011 година заврши неуспешно и беше прекинат со одлука на тогашната Влада.