Пописот нема да се одложи, но како невакцинирани попишувачи ќе влегуваат во домаќинствата?

310

Невакцинираните не може да влезат во трговски центар и во кафуле, а како да примиме невакциниран попишувач дома – се само дел од дилемите кои граѓаните ги отвораат на социјалните мрежи, на една недела пред официјалниот старт на пописот. Четирицифрената бројка на новозаразени и десетиците починати дневно, одново ја отвораат темата за евентуално одложување на најголемата статистичка операција, но и за локалните избори.

Дваесет години немаме попис, а сега сѐ е подготвено за спроведување, дециден е премиерот Зоран Заев.

„Дајте малку сериозност. Дваесет години немаме попис. Сега сѐ е подготвено за спроведување на пописот и попис ќе има, како што е предвидено. Пописот ќе почне на 5 септември, а ќе заврши на 30 септември и потоа сите ќе си продолжиме со животите, побогати за многу податоци што се значајни за државата, демографијата, економијата“, рече Заев.

Првата наредна седница на Собранието ќе се одржи кон средината на септември, вели Заев, почнува на 5 септември, алудирајќи на тоа дека нема простор за измени на Законот за попис.

ВМРО-ДПМНЕ деновиве инсистира на електронски попис поради, како што велат, фактот што нема доволен број пријавени попишувачи, како и епидемиолошката состојба во земјата поради ковидот.

„Владата и Државниот завод за статистика се неспособни да организираат попис, решение е електронски попис. Срамно и неодговорно е на една недела пред официјалниот почеток на пописот да не се знае кој ќе биде попишувач. Власта ја води целосно аматерски постапката околу организација на пописот. Прво велеа дека сè е завршено, а сега се жалат дека нема попишувачи. Зошто и кога лажат. Дополнително целата ситуација ја влошува 4-тиот бран на ковид-19, кој исто така е толку голем поради неспособноста на власта“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Статистика потенцираат дека голем дел од пријавените попишувачи се вакцинирани, но оти тоа не е услов.

-Вакцината не е задолжителна, па ние не може да им бараме на попишувачите да се вакцинираат, велат надлежните.

Уверуваат дека за време на пребројувањето ќе се почитуваат ковид-протоколите, додавајќи дека надлежните ќе сносат одговорност ако тоа не се случи. Ќе носат маски, средства за дезинфекција, а секаде каде што условите го дозволуваат тоа попишувањето ќе се одржува на отворено.

Пописот е предвидено да почне на 5 септември, и да трае до 30 септември, откако со политички договор беше одложено неговото спроведување планирано за април.