Понекогаш изгледа како фудбалот да е измислен од ѓаволот

177

Актуелниот шампион на Италија, тимот на Интер, го освои првиот трофеј во новата клупска сезона откако со минимални 2:1 ја доби Суперкуп пресметката против вечниот ривал, екипата на Јувентус. Дуелот на „Џузепе Меаца“ заврши без победник во регуларните 90 минути. „Старата дама“ дојде во водство со погодокот на американскиот интернационалец Вестон Мекин, додека репрезентативецот на Аргентина, Лаутаро Мартинез во 35 минута успешно го изведе ударот од белата точка. И кога сите помислија дека победникот ќе биде решен после пенал-рулетот, во 120 минута бекот на Јувентус, Алекс Сандро, направи катастрофална грешка која експресно беше искористена од чилеанскиот интернационалец, Алексис Санчез.

  • Тоа беше вистински натпревар, добар тест за да разбереме каде сме. За жал, понекогаш изгледа како фудбалот да го измислил ѓаволот. Наивна грешка направивме на пет секунди до крајот, но игравме против најсилниот тим во Италија во моментов. Да загубите на пет секунди пред крајот боли, но тој гнев мораме да го искористиме за Серија А, Купот на Италија и Лигата на шампионите. Треба да ги гледаме позитивните страни, тимот расте, особено физички. Беше еден натпревар, но не помина како што сакавме, па сега ќе се фокусираме на лигата, изјави предводникот на Јуве, Масимилијано Алегри.

Сосема очекувано, неговиот колега од спротивната страна, Симоне Инзаги, беше далеку позадоволен од конечниот резултат.

  • Игравме против многу силен тим, а Јувентус покажа зошто е тоа така. Мислам дека не ни направија многу проблеми пред нашиот гол, но одиграа одлично во поголемиот дел од натпреварот. Цело време беа во игра, сакаа да победат. Никогаш не е лесно да се победи Јувентус, иако веќе сум ги победил во италијанскиот Суперкуп. Многу сум среќен околу тоа како заврши натпреварот, изјави предводникот на „нероазурите“.

За Интер ова беше шести трофеј во Суперкупот на Италија.