Американскиот државен секретар Мајк Помпео на вчерашната прес-конференција со британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант изјави дека објавата за делумно повлекување на Иран од нуклеарниот договор од 2015 година „намерно е нејасна“.

– Мислам дека објавата намерно е нејасна. Мораме да видиме какви чекори ќе преземе Иран пред да одлучиме каков ќе биде американскиот одговор. Иранците дадоа голем број изјави за тоа што ќе преземат… Ќе видиме што навистина ќе направат, пред ние да донесеме права одлука, истакна Помпео.

Тој додаде дека е сигурен оти Велика Британија и партнерите одговорно ќе дејствуваат.

Помпео наведе и дека разговарал со Велика Британија, Германија и Франција за Инстекс, посебен механизам за финансиски надомест, основан од трите земји со цел да им се овозможи на европските држави да тргуваат со Иран без оглед на санкциите.

– Санкциите кои ги воведовме содржат одредби кои овозможуваат во земјата да влезе хуманитарната помош и некои производи. Исто така кажавме дека додека механизмот се користи во одредена цел… немаме никакви приговори. Ако работењето излезе од тие рамки… ќе ја испитаме работата и во таков случај ќе има санкции против лицата кои учествувале во тоа, посочи Помпео.

Претседателот на САД, Доналд Трамп вчера воведе нови санкции кон Иран, кои се насочени кон приходите од извозот на индустриски метали.

Тој се закани и со понатамошни мерки ако Техеран „фундаментално не го смени своето однесување“.

Белата куќа соопшти дека извршната наредба на американскиот претседател се однесува на железото, челикот, алуминиумот и бакарот.