Помпео: Грција е столб на стабилноста во Источниот Медитеран и на Балканот

129

Реафирмирање и продлабочување на билатералните односи, стратешкиот дијалог САД – Грција и енергетските прашања и турските активности во Медитеранот, биле темите за кои разговараа американскиот државен секретар Мајк Помпео и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас на нивната средба во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Атина.

– Грција е столб на стабилноста во Источниот Медитеран и на Балканот и важен НАТО партнер. Со нетрпение очекуваме да продолжиме да работиме заедно за да промовираме стабилност и просперитет во регионот, напиша Помпео на неговиот Твитер профил веднаш по средбата.

Портпаролот на Стејт департментот, Морган Ортагус соопшти дека на средбата била реафирмирана важноста на американско – грчките односи. Помпео ја пофалил Грција за нејзиниот напредок во енергетските проекти за да се прошири регионалната поврзаност, а двајцата ја потврдиле заедничката заложба за унапредување на верската слобода.

Една од темите на средбата бил и стратешкиот дијалог меѓу двете земји од декември 2018 година, а Дендиас го поканил Помпео да присуствува на втората фаза во Атина.

– Сите знаеме дека тесната врска Грција – САД има долг живот, но е особено интересно секој пат оваа врска да ја прошируваме и да ја продлабочуваме. Разговаравме за стратешкиот дијалог меѓу двете земји, за продлабочување на овој дијалог и негово проширување со други теми. Исто така го поканив Помпео да дојде во Атина за втората фаза од дијалогот. Американската страна ќе го разгледа на позитивен начин тоа и е многу веројатно да се случи на есен, рече шефот на грчката дипломатија, веднаш по средбата, во изјава за дописниците од Грција.

Според Дендиас, со Помпео имале можност да разменат мислења за различни теми, а акцентот бил ставен на прашањата поврзани со турските провокации, како кон Кипар, така и кон грчките суверени права во Егејското Море и Источниот Медитеран.

Во однос на турските провокации, Министерот за надворешни работи на Грција, побарал САД да имаат јасна позиција, „јасна поддршка за Грција“.

– Побаравме од САД да постои јасна линија на комуникација во случај да има било какво прашање што се однесува на односите со Турција, што би можело да биде корисен, јасен и брз став од САД, рече Дендиас за грчките дописници од САД.

Шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас во рамки на дводневната посета на Вашингтон се сретна и со советникот за национална безбедност, Џон Болтон и со сенаторот Боб Мендез.