Помпео го пофали Договорот од Преспа, доби охридски бисер за подарок

91

За разлика од Грција каде што американскиот државен секретар беше пречекан со запалено американско знаме и порака „Помпео, оди си дома”, кај нас му беше приреден пријателски пречек и беше испратен со подароци. Во Охрид, Помпео добил чибук и копчиња за манжетни, а за неговата сопруга Сузан бил подготвен ѓердан и обетки од охридски бисер

 

Договорот од Преспа е чекор кон стабилност во регионот, рече американскиот државен секретар Мајк Помпео за време на неговата посета во Грција, како дел од балканската турнеја, во која ја опфати и посетата на нашата држава.

Помпео говореше за предизвиците со кои Грција се справува, како што рече „покажувајќи го патот напред“ и во тој контекст ги наброја темите, меѓу кои и „Балканот кој останува регион на стратешки натпревар“, Русија, бегалското прашање, Кина, енергетските извори и слично, а кусо го спомена и Договорот од Преспа.

– Она што е одлично за сето ова е тоа што ние гледаме дека Грција се справува со овие предизвици, покажувајќи го патот напред, тоа го обезбедивте со Договорот од Преспа, што е чекор кон стабилност на Балканот, санкциите за Русија за инвазијата во Крим и источна Украина, го одбивте иранскиот танкер со нафта, рече американскиот државен секретар во неговото обраќање.

 

Помпео рече дека Грција почнала да го гледа светот како што го гледаат САД и затоа се проширува партнерството, „кое веќе е на најдобро ниво од кога било“.

Продолжување на стратешкото партнерство на САД со Северна Македонија, поддршка за интеграција во НАТО и ЕУ, за зацврстување на правната држава, владеењето на правото, борбата со корупцијата, но и предупредување за обидите за руско и кинеско влијание во регионот беа пораките на Помпео, кои ги испрати и до македонската јавност при неговата посета во петокот.

За разлика од Грција каде што американскиот државен секретар беше пречекан со запалено американско знаме и порака „Помпео, оди си дома”, кај нас му беше приреден пријателски пречек и беше испратен со подароци. Во Охрид, Помпео добил чибук и копчиња за манжетни, а за неговата сопруга Сузан бил подготвен ѓердан и обетки од охридски бисер.

-Нашите односи уште повеќе ќе се засилат преку заедничките заложби за мир, безбедност и просперитет, напиша на „Твитер“ државниот секретар на САД по посетата на Охрид.

– Дискутиравме за поддршката на САД за пристапувањето на Северна Македонија кон НАТО и ЕУ, имплементацијата на Преспанскиот договор и економскиот развој со претседателот Пендаровски покрај прекрасното Охридско Езеро. Нашите односи уште повеќе ќе се засилат преку заедничките заложби за мир, безбедност и просперитет, напиша Помпео.