Помошта за плати на работниците и натаму ќе ја добиваат газдите и поктрај злоупотребите

УЈП го прилагоди информацискиот систем согласно законските прописи со кои е предвидено дека финансиската поддршка на работодавачите ќе се спроведува преку владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, со исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот – барател на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, децидни се од УЈП

72

И по бројните злоупотреби, помошта за плати на вработените и понатаму ќе легнува на сметките на работодавците. Промени би имало само под услов во наредниот период да се смени законската регулатива за оваа антикризна мерка која се спроведуваше лани за април, мај и јуни, и за октомври, ноември и декември. Ваква помош треба да има и во петтиот пакет антикризни мерки најавен за наредниот месец.

На ова упатува одговорот што го добивме од Управата за јавни приходи на нашето прашање дали планираат помошта за плати во наредниот период да ја префрлуваат директно на сметките на работниците за кои е наменета, како што одамна бараат синдикатите.

Од УЈП за весникот ВЕЧЕР велат дека кај мерката финансиска поддршка за работодавачи заради исплата на плати на работниците за април, мај и јуни постапиле исклучиво и согласно Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, а за платите за октомври, ноември и декември лани според Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19. Овие прописи предвидуваат помошта да се исплатува на сметката на работодавецот кој ја барал, па како што информираат од даночната управа, тие на тоа го прилагодиле својот софтвер.

-Овие прописи ги уредуваат условите и постапката за добивање на финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите на работниците. УЈП го прилагоди информациониот систем согласно овие законски прописи со кои е предвидено дека финансиската поддршка на работодавачите ќе се спроведува преку владина Програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, со исплата на финансиски средства на сметка на работодавачот – барател на финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, децидни се од УЈП.

Оттаму уште информираат дека поминал периодот на опомена во кој работодавците требало да им ги исплатат ноемвриските плати на работниците за кои добиле помош од државата, па сметките им се блокирани, а блокадите вчера се доставени до банките.

-Управата за јавни приходи, по изминување на рокот од опомените, ги генерираше МПИН блокадите за месец ноември 2020 година и истите ќе се доставуваат до банките утре. По доставување на блокадите до банките, ќе бидат достапни податоци за сите пресметки кои сè уште нема да бидат исплатени, и после преземените мерки од страна на Управата за јавни приходи, нè информираа вчера од УЈП.

Практиката помошта добиена од државата за плати на вработените целосно или делумно да си ја задржуваат за себе работодавците ја негуваат уште од првата исплата за април лани. УЈП прво ги опоменува, потоа им ги блокира сметките и врши присилна наплата, но и покрај тоа дел од работниците за кои е доделена помош до ден-денес не добиле пари. Владата објавува список на фирми кои не им ја исплатила помошта на работниците, а за неколку од нив има кривични пријави и се водат постапки во Обвинителството, но со месеци во врска со нив нема никакви информации.

Минатиот месец Владата објави список со 249 работодавачи кои ноемвриската плата не им ја дале на 782 вработени. Според податоците што ги објави УЈП до 3 декември лани априлската плата сè уште не ја исплатиле 50 компании за 108 вработени, платата за мај не ја исплатиле 38 компании за 66 вработени, а за јуни 64 компании за 160 вработени. Вкупно 125 компании не исплатиле плати за еден, два или три месеци и за нив се доставени податоци во Јавното обвинителство за поведување кривична постапка.

Од овие причини Сојузот на синдикатите на Македонија уште од јуни лани бара помошта за плати да легнува на сметките на работниците. Тие сè уште не отстапуваат од ова свое барање и инсистираат овој начин на исплата да се практикува со помошта што ќе ја има од петтиот пакет антикризни мерки. Во интервју за весникот ВЕЧЕР претседателот на ССМ Дарко Димовски изјави дека кога од Владата се побарало парите да се префрлаат директно кај работниците одговорот бил дека за софтверски да се реализира тоа треба да помине подолг временски период.

(С.В.)