Помалку работа за струмичките пожарникари, лани намален бројот на пожари

63

Во Струмичкиот регион лани е забележан помал број пожари во споредба со 2017 година. Според командирот на Територијалната професионална противпожарна единица, Александар Гудев, биле забележани 511 пожари, додека пред две години имало 542. Најмногу пожари се случиле во септември и октомври лани и тоа на отворен простор. Тогаш струмичките пожарникари гаснеле 189 пожари. Од нив 166 пожари биле на отворено.

Според Гудев, причината за зголемиот број на пожари во септември и октомври се должи на долготрајната суша, но и на невниманието на граѓаните.

– Неспоредлив е бројот на интервенциите во овие два месеци со тие во летните месеци, како и со истиот период во 2017 година. Во август лани сме имале 34 интервенции на отворен простор, а во јули само 12 – вели Гудев.

Во последните неколку години бројот на пожарите во Струмичко е во постојан пораст. Во 2014 година имало 317, во 2015 година – 379, во 2016 година – 381, во 2017 – 542 и во 2018 година – 511 пријавени пожари. Карактеристично е што значајно учество во вкупниот број пожари имаат тие што се случиле на отворено, потоа во објекти, а значителен дел отпаѓа и на техничките интервенции.