Помалку патници во градскиот и меѓународниот, повеќе во приградскиот и меѓуградскиот превоз

80

Во последните три месеци од минатата година бројот на превезени патници бележи намалување во градскиот и меѓународниот превоз, а зголемување во приградскиот и меѓуградскиот превоз.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во однос на четвртиот квартал од 2017 година вкупниот број превезени патници во патниот патнички превоз е зголемен за 2,3 отсто. Бројот на превезени патници во градскиот превоз е намален за 3,6 отсто, во меѓународниот превоз за 6,1 отсто, додека во приградскиот превоз е зголемен за 9,3 отсто, а во меѓуградскиот превоз за 14,5 отсто.

Во однос на третото тримесечје од 2018 година, вкупниот број превезени патници е зголемен за 25,3 отсто. Според видот на превозот, бројот на превезени патници во меѓународниот превоз е намален за 23,3 отсто, додека во градскиот превоз е зголемен за 30,8 отсто, во приградскиот превоз за 26,9 отсто, а во меѓуградскиот превоз за еден отсто.

Во четвртото тримесечје од 2018 година, во однос на истиот период од 2017 година, вкупниот број патнички километри во патниот патнички превоз е зголемен за 8,4 отсто. Според видот на превозот, бројот на патничките километри во градскиот превоз е зголемен за 2,9 отсто, во приградскиот превоз за 12,8 отсто, во меѓуградскиот превоз за 17,6 отсто, а во меѓународниот превоз е намален за 0,7 отсто.

Во однос на третото тримесечје од 2018 година, вкупниот број патнички километри е зголемен за 4,7 отсто. Според видот на превозот, бројот на патничките километри во градскиот превоз е зголемен за 28,5 отсто, во приградскиот превоз за 24,6 отсто, во меѓуградскиот превоз е намален за три отсто, додека во меѓународниот превоз е намален за 13,3 отсто.