Полска нема да штеди гас и нема да го дели со другите земји од ЕУ

154

Европската комисија нема да може да ја принуди Полска да се придржува до новиот план на ЕУ за намалување на потрошувачката на гас, ниту пак Полска ќе ги дели своите резерви на гас со другите членки на блокот, изјави министерката за клима и животна средина, Ана Москва, за полската медиумска куќа Сиечи.

„Енергетската безбедност е ексклузивна надлежност на секоја држава и никогаш нема да се согласиме да ја отстапиме на Европската унија. Никој не може да нѐ принуди да ја регулираме потрошувачката на гас, или да воведеме други рестриктивни мерки. Не сакаме да носиме одлуки за ограничувања во други држави “, изјави Москва, пренесува Раша тудеј.

Нејзините коментари се однесуваат на планот на ЕУ земјите-членки да ја намалат потрошувачката на гас во целиот блок за 15 отсто, со цел да се наполнат складиштата на гас пред зимата, поради можниот прекин на испораката на рускиот гас.

Москва во интервјуто истакна дека планот на ЕУ не е обврска и дека на него треба да се гледа како на насока, а не како на закон.

„Тоа ќе биде на доброволна основа, а одлуката за тоа прашање е во суверена јурисдикција на секоја земја“, нагласи таа.

Иако се чини дека планот на ЕУ не вклучува споделување на резервите на гас меѓу членките, Москва сепак подвлече дека Полска во секој случај ќе го задржи својот гас за себе.

„Никој нема да ни го одземе гасот. Нагласувам – ЕК не може да нè принуди на ништо. Нема солидарност без слобода, која завршува таму каде што почнува принудата“, рече таа и додаде: „Инфраструктурата, гасоводите и купениот гас се сопственост на нашата држава и само ние одлучуваме како ќе ја користиме и за чии потреби“.

Наведувајќи дека „ако има земји во ЕУ кои имаат соодветни капацитети и инфраструктура, тие секогаш, врз основа на билатерален договор, можат да ги поддржат соседите“, Москва оцени дека е малку веројатно Брисел да и наметне обврска на Полска во поглед на обезбедување таква помош.