ПСЖ ја одбрани шампионската титула во француската Лига 1, но тоа е сè што направи кога е во прашање актуелната сезона. Тоа е премалку за еден тим кој има неограничен буџет и кој во своите редови го има најскапо купениот играч во фудбалската историја. Гигантот од „Паркот на принцовите“ на бизарен начин доживеа елиминација од Манчестер Јунајтед во 1/8 финалната рунда од Лигата на шампиони.

Само за потсетување, „светците“ со 2:0 ја добија првата меѓусебна пресметка на „Олд Трафорд“ и никој не веруваше дека „црвените ѓаволи“ можат да анулираат една таква негатива во Париз. Сепак, тоа се случи. Јунајтед го шокираше фудбалскиот свет и го елиминира фаворизираниот тим на ПСЖ.

Фенерџијата Генгамп се покажа како непремостлива пречка во францускиот Лига Куп, а најголемиот шок кој го доживеа сопственикот на ПСЖ, шеикот Тамим бин Хамад Ал-Танија, беше поразот од Рен во финалниот натпревар од Купот на Франција.

Француските медиуми пишуваа дека сопственикот толку збеснал и најавил бркање на цела управа. По поразот од Рен, тренерот на ПСЖ, Томас Тухел изјави дека не сака многу да зборува за ситуацијата во клубот.

  • Не знам што да кажам. Ќе мора убаво да размислам во следните неколку дена, изјави германскиот стручњак.

Поголемиот дел од француските медиуми се убедени дека Тухел ќе добие уште една шанса и дека ќе направи сериозна чистка во клупската соблекувална. Шеикот потврди дека и понатаму ќе инвестира во клубот, дека ќе има сериозен шопинг за време на летниот преоден рок, но и дека на неколку играчи ќе им биде покажана излезната врата.

Нормално, Германецот нема да се ослободи од услугите на клучните играчи, како што се Неимар и Мбапе, но според француските медиуми, на неговиот список ќе се најдат неколку импозантни имиња кои ќе бидат продадени ова лето.

Излезната врата од „Паркот на принцовите“ сигурно ќе им биде покажана на Буфон, Кавани, Дрекслер, Муниер, Нкунку, Купо-Мотинг, Нсоки, Курзава, Диаби и на Кимпембе.