EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Кошаркарите на Лос Анџелес клиперс го држат солидното петто место во Западната конференција (39 победи и 36 порази), но и покрај тоа, имаат разочарувачка сезона, бидејќи сите очекуваа да бидат еден од главните претенденти за шампионската титула. Сепак, главна причина за ова се честите отсуства на Каваи Ленард и на Пол Џорџ, кои почесто се надвор од теренот отколку на него.

Но, многумина му ја припишуваат слабата сезона на Клиперс на тренерот Тајрон Лу, чии одлуки во рамките на играта често се сомнителни, а ротациите се нелогични. Така, не чуди што има сè погласни повици за негова смена.

Од друга страна, во еден на поткаст, тој зборуваше за тоа како ја доживува сезоната и како сака да биде со тимот во најтешките моменти, бидејќи не го напуштил дури и кога загубил дури седуммина членови на семејството, во последниве три месеци.

  • Загубив седуммина членови на семејството од декември наваму. Исто така, загубивме и шест натпревари по ред, и не се откажав од тимот. Не знам дали требаше да бидам со семејството во тешките денови, но не бев на ниту еден погреб. Можев да побарам лесен излез и да си одам дома една недела, но не заминав. Да победевме на пет по ред, сигурно ќе одев на три-четири погреби, но кога се тешки времињата, луѓето сакаат да те видат како реагираш ако не да бараш лесен излез – истакна Лу.