Половина милион страници, 17.173 броја! Одиме понатаму

456

На денешен ден во 1963 година од печат излезе првиот број на првиот вечерен информативен весник на НИП “Нова Македонија” – ВЕЧЕР наменет за брзо, кусо и јасно информирање за сите случувања кај нас и во светот.

Цели 56 години, ВЕЧЕР не отстапува од својата мисија. Изминативе децении се испечатени точно 17.173 броја или речиси половина милион страници на кои се испишани и отсликани сите важни случувања во Скопје, земјата и во светот.

Иако не славиме јубилеј, сепак, овој датум е особено важен за нас, целата екипа на ВЕЧЕР која секојдневно го полни весникот со нови информации, но и интернет изданието vecer.press, медиум кој го зголемува бројот на читатели. Се разбира овој датум е исто толку важен и за стотиците новинари и соработници кои во изминатите 56 години со својот потенцијал го билдаа имиџот на ВЕЧЕР. И многу квалитетни и познати фотографи беа зад објективот. Таа традиција не ја прекинуваме. Денеска ВЕЧЕР брои 35 вработени кои посветено работат на надградување на мисијата и визијата на тимот на основоположниците, еминентните новинарски имиња Панче Михајлов, Јордан Ивановски, Милчо Коцев, Борис Поп Ѓорчев, Мирко Миронски, Славко Маринковиќ и Цветан Станоевски. Нивната визија е реалност цели 56 години, а нашата заложба е така да остане и понатаму.

Ова го тврдиме во време кога славиме 56-годишнина во еден потполно нов современ општествен контекст, кога минуваме низ навистина бурно време, време кога новинарската професија е ставена на маргините. Не само кај нас. “Европа повеќе не е „рај“ и безбедна средина за новинарите“, изјави деновиве, генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерес на Светскиот форум за демократија во Стразбур. Но, не се обесхрабруваме, туку секојдневно остануваме посветени на нашата основна задача – објективно информирање. И, се разбира, наша желба е да имаме што помал број вести од црна хроника, а што повеќе добри и позитивни приказни во кои ќе се промовираат наши успешни млади луѓе, стопанственици, уметници, спортисти преку кои ќе ја шириме приказната за нашата Македонија, успешна и позитивна каква што сите сакаме да ја видиме.