Полицијата не го препозна пратеникот Манојлоски

135

Револтиран од односот на полицијата, која го сопрела да му направи претрес на возилото, Горан Манојлоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата на собраниската комисија за труд и социјална политика. Реагира дека додека возел кон законодавниот дом, единствено неговото возило било сопрено на влезот на Ѓорче Петров. Тој тврди дека и откако покажал легитимација дека е пратеник, полициските службеници сепак го претресле без образложение.

Манојловски најави дека ќе поднесе претставка до МВР и бара да се истражи целиот случај за постапувањето на полицијата.

„Околу 11 часот на кружниот тек во населба Ѓорче Петров бев сопрен од двајца полициски службеници вооружени со автоматски пушки и панцири. Селективно моето возило беше одделено, ми кажаа да се паркирам и да го исклучам возилото. Кога покажав легитимација ми рекоа дека тоа не важи, беше направен претрес и ме пуштија. Ако не се почитува законот за нас пратениците што останува за другите граѓани? Не е точно дека сите возила биле сопирани неселективно, има камери и слики, може да се види дека моето возило беше селектирано и исклучено од сообраќај„ изјави Манојлоски за медиумите.

Од полицијата велат- не знаеле дека Манојлоски е пратеник, а возилата во Ѓорче Петров ги проверувале по извршено кривично дело.

– По извршена проверка, на лицето му е дозволено да си оди без никакви проблеми, посочуваат од МВР.

Полицајците  биле поставени на позиција во врска со претходно извршеното разбојништво во Експозитурата на НЛБ банката во Сарај  и вршени биле проверки на возилата на граѓаните,а меѓу нив и на Г.М. , без притоа воопшто да знаат дека станува збор за пратеник, информира МВР.

Откако пратеникот Манојлоски го напушти Собранието, заменик претседателката на собраниската Комисија за труд и социјална политика Весна Пемова ја прекина  седницата на комисијата поради немање кворум.

Пратеникот потенцираше дека нема да се враќа на работа во собраниските комисии додека не добие официјално известување од страна на министерот за внатрешни работи или МВР  во врска со настанот.