И ова лето граѓаните се вознемирени од ноќните холивудски трки на мотори по скопските улици и булевари. Освен што со силните децибели ги нарушуваат јавниот ред и мир, ги прекршуваат и сообраќајните прописи и не ја почитуваат дозволената брзина на движење во урбана средина.

Скопјанката В.С. вели дека немаат мир од силната бучава на моторите, затоа што булеварот на кој живеат, ноќе станува пофреквентна сообраќајница отколку што е преку ден.

– Среде ноќ се случува да нè разбудат. Многу гласно брмчат со моторите и од сон нè будат. Порано трки правеа и со коли и со мотори, но сега ги има сè помалку – вели В.С. која живее во близина на Јужен булевар.

Социјалните мрежи Фејсбук и Твитер се преплавени со реакции на граѓани кои се загрижени за безбедноста на другите учесници во сообраќајот од ваквите моторџии кои брзо возат во ноќните часови, а некои од нив се под дејство на алкохол или други опијати.

– Со зголемено ниво на адреналин, претставуваат постојана опасност за пешаците и другите учесници во сообраќајот. Апелираме до полицијата да им стави крај на ваквите возачи – вели скопјанецот Ѕ.П.

Викендов полицијата организираше акција за санкционирање на возачите на автомобили и на мотори за брзо возење. Во таа акција, како што пишуваат очевидци на социјалните мрежи, имало и случаи кога полицајци ги бркале со мотори и со “јети“ натрапниците кои бегале откако им било сигнализирано да запрат.

– Возеа по „Гологанов“ со над 100 километри на час. Кај Католичка црква му се пушти полициско „јети“ со сирена и ротација. Моторот бегаше, го бркаа, ама не знам дали го стигнаа. На Рекорд имаше неколку полициски возила и беа сопрени неколку моторџии – напиша некој на Твитер.

Според реакциите на граѓаните, трки со мотори освен во централното градско подрачје се случуваат и по булеварите во Аеродром, Карпош и Чаир, а секој викенд го слушаат брмчењето на моторите што се спуштаат од Водно. Полицијата ретко може да им влезе во шемата и да ги санкционира, бидејќи една вечер се тркаат на еден булевар, а веќе следната на друга сообраќајница.

Како што соопшти МВР, завчера во периодот од 20 до 24 часот Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје при акциската контрола за санкционирање на прекршоци од возачи на мотори, открила 35 прекршоци.

Во периодот пак, од 6 до 24 часот, при контрола за откривање возачи кои управуваат моторни возила со брзина поголема од законски пропишаната, полицијата санкционирала 92 возачи кои ја пречекориле брзината во населено место, а откриени се и 68 останати прекршоци.

(С.Бл.)