Полициските 12-часовни смени се заменуваат со 8-часовни

79

Независниот синдикат на полицијата реагира на измената во работното време на полициските службеници, која, велат, се воведува во екот на енергетската криза и досегашните 12-часовни се заменуваат со осумчасовни смени. Според Синдикатот, тоа е сериозен проблем и апелира министерот и директорот на БЈБ итно да го надминат.

Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев, вчера на прес-конференција пред МВР, појасни дека овие измени значат дека полициските службеници кои досега требало да патуваат по 12-13 пати во текот на месецот, сега треба да го прават истото 21-22 пати.

– Во ек на економска и на политичка криза, со овие цени на горивата, на неколкумина поедицни во МВР им текна една интересна идеја – смените да ги префрлат од постојните на работа по осум часа на ден. Ова е сериозен проблем и прашање што уште утре министерот, преку директорот на БЈБ, треба да го надмине – изјави Делчев.

Оваа состојба, нагласи тој, критично се одразува на егзистенцијата на полицајците, затоа што поголемиот број воопшто не работат во своите општини и треба да патуваат.

– Како да одат на работа на осумчасовно работно време од Гостивар до Ростуше или од Прилеп до Старавина?! Тие се места што се по 70-80 километри оддалечени од местото на живеење на полицајците – рече Делчев.

Од НСП посочуваат дека овие избрзани решенија системски го уништуваат полицаецот и го намалуваат неговиот семеен буџет.