На трагедијата во која загина Коби Брајант, неговата ќерка Џијана, како и уште седум лица, многумина се обидоа да заработат, а неколку полицајци во Лос Анџелес ги преминаа границите на морбидноста.

Неколку од нив, кои први пристигнале на местото на хеликоптерската несреќа која се случи на 26 јануари, го фотографирале безживотното тело на Брајант, но не за да ги продаваат фотографиите во медиумите, туку да се фалат пред колегите и да ќаруваат девојки.

Еден од замениците на шерифот, сакал со фотографија од лешот на Коби да импресионира девојка во кафуле, но барменот го слушнал муабетот, па веднаш поднел жалба до канцеларијата на шерифот.

Меѓутоа, ова не е крај на скандалот, бидејќи полицијата сакала да го забошоти целиот случај. Сите кои имале фотографија од местото на несреќата морале да ја избришат истата по препорака од командирот, за да минат неказнето. Затоа, тамошниот шериф Алекс Вилануева најави дека ќе спроведе интерна истрага се со цел полицајците да бидат адекватно санкционирани, но и да го заштитат достоинството на жртвите и приватноста на нивната фамилија.

На оваа реакција се надоврза и Ванеса, сопругата на починатиот Коби Брајант, која побара од властите да реагираат според правилата и сите фотографии да бидат веднаш избришани за да не дојдат до погрешни раце.

  •  Ванеса бараше уште на денот на несреќата да се изолира целата зона и да се заштити од фотографи. Важно е да се грижат за жртвите и нивната фамилија, ова е неверојатен недостаток на почит, човечност и приватност. Се надевам дека оној кој ги покажувал фотографиите ќе биде жестоко казнет и дека фотографиите нема да ги покажува, односно ќе ги избрише, истакна Гери Роб, адвокатот на семејството Брајант.