Политичка криза во Тунис: 113 членови од најголемата партија поднесоа оставки

32

Повеќе од 100 функционери на исламистичката партија Енахда од Тунис, вклучително и пратеници и поранешни министри, денеска поднесоа оставки во знак на протест поради начинот на кој раководството ја води партијата.

Западните медиуми оценуваат дека ова е најголемиот удар досега за партијата која се соочува со сериозна внатрешна поделба.

Енахда, најголемата партија во Парламентот, се наоѓа во криза откако претседателот Каис Сајед ја собори владата и ја суспендираше работата на законодавниот дом на 25 јули.

Во заедничка изјава, 113 членови на партијата наведоа дека поднесуваат оставки поради погрешни одлуки на раководството на Енахда, што доведе до изолација на оваа политичка сила и неуспех за вклучување на партијата во кој било заеднички фронт со цел да се спротивстави на одлуките на Сајед.

Меѓу членовите кои поднесоа оставки се осум пратеници и седум поранешни министри, меѓу кои и министерот за здравство Абделатиф Меки.