Политичарите со змија во џеб, штедат кога одат на одмор

883

Политичарите и функционерите, како и сите луѓе, сакајќи да избегаат од градските горештини, а и да се релаксираат од обврските, и во средината на јули, веќе ги бројат деновите до одмор. Избираат одмор во соседството, ретко се одлучуваат за некоја подалечна дестинација. Дел од нив уште не испланирале, ќе се пакуваат во последен момент. Набиените агенди, високите температури, жешката политичка сцена, ги диктира термините за одмор, но и ги раситнува деновите на носителите на јавните функции. Последниот скандал со телефонскиот разговор на премиерот Зоран Заев со руските комичари, во моментов не му дава на првиот човек на Владата шанса да размислува за годишен одмор. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, вели дека за одмор прво треба да разговара со сопругата Зорица и со семејството, а потоа ќе одлучат.

 

– Уште немам донесено одлука каде ќе летуваме. За тоа треба да разговарам дома, па ќе одлучиме, изјави премиерот Заев за ВЕЧЕР.

 

 

 

Првиот парламентарец Талат Џафери е искрен, и на одмор не се луксузира и води сметка колку пари троши. После набиената агенда за овој месец, во изјава за весникот Вечер, вели дека одморот ќе го користи како и другите пратеници, во првиот дел на август.

Ќе одам на одмор блиску, уште не сме прецизирале дефинитивно каде. Ќе биде тоа или Црна Гора или Албанија, 7-8 или десет дена, во првата половина на август, кога сите пратеници се на одмор. Одиме сами со мојата сопруга, децата ми се веќе големи. Секако сакам да бидам во близина, во случај на вонредна ситуација, да не треба да се вратам. На одмор одам за да одморам и не барам луксуз, одам кај што одат сите луѓе, не ми треба ништо посебно, немам специфични барања… Не се опуштам премногу да трошам, и кога сум на одмор водам  сметка колку трошиме, вели собранискиот спикер.

Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумоски, ќе летува во Турција.

– Со семејството испланиравме одмор во втората половина на август. Ќе одиме во Турција. Ќе потрошиме просечно и скромно,  ништо особено, како и секоја година, колку за еден нормален одмор.

 

Поради работните обврски преку цела година, генералниот секретар на Собранието, Цветанка Иванова, деновите од одмор ќе ги помине дома, во Струмица.

 

– Одморот ќе го поминам дома, во Струмица, бидејќи цела година сум отсутна од дома. Времето ќе го искористам за излети и прошетки со внуците, и за викендите сигурно ќе отидеме некаде заедно, вели Иванова во изјава за весникот „Вечер“.

 

 

 

Гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, поради работните обврски минатата година го прескокнала одморот. Во изјава за весникот „Вечер“, вели годинава на семејството му должи неколку заеднички денови.

– Сѐ уште со семејството немаме конкретен план за летниот одмор. Поради моите работни обврски, одморот ќе ни трае помалку од седум дена, од кои два ќе бидат некој викенд. Затоа, сигурно би отишле на некоја поблиска дестинација – во Охрид, некаде во соседството или на Јадранскиот Брег, можеби во Хрватска. Искрено, не ми е многу важно каде ќе летуваме, најважно ми е неколку дена без прекин да бидам со најблиските. На семејството му должам барем неколку заеднички летни денови надвор од Скопје, бидејќи по моето стапување на гувернерската позиција и посветувањето на новите предизвици во Народната банка, минатата година го „прескокнавме“ летниот одмор, изјави гувернерката.

Градоначалникот на скопски Центар, Саша Богдановиќ сака да отпатува во Египет, ама летово ќе се задоволи  со Црна Гора или Грција.

– Не сум испланирал уште за годишен одмор. Размислувам да отидам само на неколку дена поради работните обврски, а  тоа би било во Црна Гора или во Грција. Најинтересна дестинација на која би сакал да отпатувам е Египет, вели Богдановиќ.

 

Пратеникот Амди Бајрам, еден од највозрасните во македонското Собрание е искрен дека не троши многу пари за одмор.

– Оваа година од здравствени причини одам на одмор тука блиску, во Грција, најверојатно во Паралија. Ќе бидат тоа само неколку дена, ништо повеќе. Кога сум на одмор не барам луксузи, знаете, јас сум од старите пратеници, водам сметка колку трошам и не претерувам, вели Бајрам во изјава за весникот „Вечер“.                                                            

(Ј.Ц.Г.)