Полиглоти и ИТ експерти напред, мрчатори стој!

264

Кои се министрите кои по долгонајавуваната метла ја добија довербата на премиерот Зоран Заев? Прв е тој самиот, кој како премиер си ја довери и министерската фотелја во финансии.

Иако Собранието допрва треба да ги прифати неговите предлози, сепак јавноста си го поставува прашањето: Колку е навистина возможно еден човек да биде и премиер и притоа да го раководи едно од најважните министерства останува да видиме, но она што е забележително беше изјавата на Заев на промоцијата на новите имиња од неговиот кабинет, дека овој избор е привремено решение.

– Можеби е несекојдневно, можеби е поинакво, но многу работи се случија кои се несекојдневни и поинакви – од паѓањето на режимот до храбрите одлуки кои се донесоа во овој период заради сплотување на народот, заради решавање на крупните прашања со Грција и Бугарија, заради НАТО членството. Сите стратешки прашања се решени пред сè заради економскиот стандард на граѓаните. Сега е моментот да се покажат „сериозни перформанси во севкупниот менаџмент на финансиските ресурси во државата, рече Заев и најави дека досегашниот министер Драган Тевдовски ќе му биде советник.

– Секако, јас и досега работев со министерот Тевдовски, ги знам сите проекции и постапки, летово нема да се случуваат некои драматични работи околу ребаланс или слично. Она што е важно е на први јули да почне проектот на повраток на ДДВ и сите оние што кубат коси да престанат со тоа заради тоа што е изгорена нашата земја. Никогаш не се враќале пари. Е сега дали некој ќе добиел 12, 15 или 27 илјади и слично, дебатата ја отвораат одреден дел мрчатори во општеството“, вели Заев.

Заев со две функции, но Садула Дураку незаменлив. Всушност, тој само смени министерство, од позицијата министер за животна средина преоѓа во новоформираното министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Овој интересен политичар, до 2000 година бил наставник, а во периодот од 2000 до 2002 година е виш царински соработник во Царинската управа. Дураку бил учесник во воениот конфликт од 2001 откога го доби прекарот „командант Вентили“ поради тоа што во летото 2001 со уште двајца припадници на ОНА го завртел вентилот за довод на вода од Липковското Езеро по што населените места од кумановскиот крај немаа вода неколку седмици. Неговата политичка кариера продолжи како министер за земјоделство, па стана министер за животна средина. Тогаш беше прозиван од активистите за покренување на проекти за заштита на животната средина, особено за воведување на активни мерки против аерозагадувањето, но без некои поголеми резултати. Сепак, најпознат стана по одговорот на прашањето дека граѓаните ќе ја тужат државата поради енормното загадување, кој беше дека тој не се бавел со граѓаните и за сите прашања на новинарите ја посочи работната група. Во биографијата на Дураку пишува дека од технологија ги познава: мајкрософт ворд, ексел, паверпоинт, мајкрософт аутлук и интернет експлорер. За други особини му пишува дека има солидни менаџмент особини, способен е за работа во група и за работа под стрес, како и комуникативен.

На местото на Дураку во Министерството за животна средина и просторно планирање е предложен Насер Нуредини кој се школувал за меѓународен бизнис во Австрија, Германија и Велика Британија. Во графата за течно зборување кај Нуредини се наведени: албански, англиски, германски и италијански јазик, додека во графата само „зборува“ го пишува: македонскиот и српско-хрватскиот јазик.

Горан Милевски од ЛДП, пратеник, ќе го преземе Министерството за локална  самоуправа каде што досега раководеше Сухејл Фазлиу од Алијансата на Албанците. Од партијата веднаш стигна реакција дека не биле консултирани за одлуката на премиерот Зоран Заев за нивниот сопартиец.

-Министерството за локална самоуправа му припаѓа на партнерот на коалицијата,, на партијата НДП. Премиерот не може да донесе одлука без наша согласност, да го даде ова министерство на внатрешен партнер на партијата СДСМ, со кој има внатрешни проблеми и да ги задоволи коалиционите партнери, но на штета на владејачката коалиција. Ако премиерот е сериозен во врска со овој предлог, ние како партија ќе ја донесеме нашата одлука и нашата позиција за која ќе бидете информирани, пишува во реакцијата на Информативната служба на НДП.

За Горан Милевски, лидерот на ЛДП, кој ќе го преземе Министерството за локална самоуправа пишува дека пред да стане пратеник, бил професор по економски предмети во економското училиште „Јане Сандански“ во Битола, а од познавања му се наведени мајкрососфт офис и Интернет, а од странски јазик наведено е дека зборува англиски.

Универзитетскиот професор и доктор ревматолог, Хусни Исмаили е избор на Заев за нов министер за култура. Исмаили е доктор ревматолог кој во моментов е професор на Тетовскиот универзитет, а Медицински факултет завршил во Тузла. Во биографијата на министерот македонскиот јазик му е во графата странски јазици кои ги зборува заедно со англискиот, босанскиот и турскиот јазик. Токму затоа, веднаш по објавата на неговото име во јавноста на социјалните мрежи се вжештија со коментари. Поранешниот директор на Драмски театар, актерот Роберт Велјановски напиша: Ако не па, за матичен да го зеам?!

Од јазици покрај мајчиниот албански, му се наведени и македонскиот, турскиот, англискиот, босанскиот. Од културните активности, пак, му пишува дека бил уредник на книга, организатор на првиот саем на книгата на приватните албански издавачки куќи, уредник на радио драми и на 90 радио емисии од областа на културата, уредник и раководител на 80 телевизиски документарни програми на албански јазик и еден од основачите на издавачката куќа „Логос А“. Во неговата биографија се наведени и бројни научни трудови од областа на медицината.

Во Министерството за земјоделство треба да биде назначен Трајан Димковски, кој досега беше шеф на кабинет на неговиот претходник Љупчо Николовски. Тој покрај работата во министерството, има искуство и работа во управни одбори и здруженија од областа на земјоделството. Димковски потекнува од Куманово, има 51 година и е дипломиран инженер по земјоделство со специјалност закројување. Димковски бил извршен директор на Националната федерација на фармери, додека работел и на проекти на Шведската земјоделска федерација за поддршка на македонските земјоделци. Беше критичар на претходната Влада.

Предлогот за избор на нови министри во Владата, премиерот Зоран Заев го достави до претседателот на Собранието Талат Џафери, а пратениците се очекува да се произнесат на седницата закажана за среда.