Полека се навикнуваме на платнени торби – намалена потрошувачката на најлончиња до 10 пати

237

Изминува вториот месец како граѓаните почнаа да ги менуваат своите навики при купување во маркет, откако на сила стапи Законот за управување со пакување и отпад од пакување од 1 декември 2021 година. Досегашните пластични кеси за една употреба ги заменија со платнени торби, а оние кои се најдоа затекнати без своја торба, плаќаат по 15 денари на каса за т.н. биоразградлива кеса.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, е задоволен од забраната затоа што потрошувачката на пластични кеси за носење стоки е намалена до десет пати.

– Според анализите кои ги започнавме да ги правиме во соработка со маркетите може да се заклучи дека имаме големо намалување на потрошувачката на кеси. Некои маркети кои кесите порано ги давале бесплатно, има намалување и до 10 пати, а кај оние кај кои се плаќале по денар или два, продажбата на кеси е намалена четири пати – истакна Нуредини.

Тој истакна дека маркетите од продажбата на биоразградливите кеси по 15 денари само во декември инкасирале 14.413.019 денари (235 илјади евра) и тие пари, согласно законската обврска, ги префрлиле во еколошкиот Фонд на министерството. Нуредини најави дека ќе се донесе програма за инвестирање на средствата кои се добиени од продажбата на биоразградливите кеси, а целта е овозможување на системот за селекција на отпад да го осети секој граѓанин.

– Ќе дадеме почетен импулс на локалната самоуправа и колективните постапувачи кои имаат обврска со новите закони да воспостават инфраструктура за селекција на отпад за граѓаните, посебно во заштитените подрачја. Парите од Фондот може да се искористат за набавка на контејнери за селектирање на отпад, пред сè на пластика и конзерви, за што се бара поддршка од локалната самоуправа и колективните постапувачи за селекција на отпад – рече Нуредини.

Тој смета дека е потребно време за прилагодување на граѓаните, но истакна дека е позитивно тоа што маркетите сега повеќе продаваат торби за повеќекратна употреба.

Инаку, на продажните места низ маркетите, особено во делот кај пилјарите може да се забележи дека има избор од пластични и хартиени кеси и за нив не се наплатува. Пластичните кеси се без рачки, со принт дека се биоразградливи. Но, на пазарите не е така. Таму сè уште се користат најлончињата. 

Нуредини најави дека ќе следат почести контроли во маркетите и додаде дека не е дозволена употреба на пластични кеси подебели од 15 микрони за носење стоки без разлика дали се со рачки или без рачки.

-Таквите кеси мора да се плаќаат по 15 денари, а оние потенки од 15 микрони, се за хигиенска употреба и може да се користат за пакување месо за што маркетите плаќаат. Пазарниот инспекторат ќе врши построги контроли и ќе ги започнеме во поголемите маркети, бидејќи тие се и најголеми потрошувачи на кеси. Еден голем маркет лани во ноември, пред воведувањето на забраната, бесплатно делел по 800 илјади кеси, а по воведувањето во декември продал 103 илјади. Друг голем маркет во кој се плаќале кесите месечно продавал по 709 илјади, а сега продава само 147 илјади кеси по 15 денари – истакна Нуредини.

Тој напомена дека првите анализи велат дека се намалува употребата на пластика во нашата држава и тоа за тони пластика. Кај нас, генералната стапка на рециклирање е многу ниска – од 5 до 15 проценти.

Франција од 1 јануари година направи „револуција“ со тоа што ја забрани пластична амбалажа за најголемиот број овошја и зеленчуци. Краставиците, лимоните, морковите и портокалите се меѓу 30-те производи кои имаат забрана да бидат пакувани во пластика. Законот нема да важи при продажба на поголеми количества од овие зеленчуци, или, пак, за сечканото и преработеното овошје.

Забраната доаѓа како дел од повеќегодишната програма со која употребата на пластични производи во Франција треба да се намали од голем број на индустрии.

Минатата година во земјата беа забранети пластични сламки, чаши и прибор за јадење, како и пластични амбалажи за носење храна. Истовремено, списанијата веќе започнаа да се доставуваат без пластично пакување, додека рестораните за брза храна повеќе не можат да нудат бесплатни пластични играчки.

Подоцна оваа година јавните места ќе бидат принудени да обезбедуваат фонтани за вода со цел да се намали употребата на пластични шишиња.

(С.Бл.)