Според министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, големата употребата на тутун е главен фактор за морбидитетот и морталитетот кои се предизвикани од незаразни болести. Според СЗО, Европскиот регион е еден од регионите во светот со најголема преваленца на употреба на тутун, имено, 26,3% од луѓето на возраст од 15 години и постари користеле тутун во 2018 година. Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО

 

 

Пушењето и употребата на тутун во Македонија е на загрижувачки високо ниво. Речиси половина од населението секојдневно консумира цигари и производи од тутун, покажуваат резултатите од направените студии за бихејвиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутунот. Според министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, токму ваквите состојби со употребата на тутун е главен фактор за морбидитетот и морталитетот кои се предизвикани од незаразни болести.

-Студиите покажуваат дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението пуши цигари секојдневно. Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме и креирање нови, специфични активности за поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението – вели министерот Меџити во пресрет на „Светскиот ден без тутун“, што се одбележува на 31 мај.

Светските лекари од СЗО посочуваат дека сите редовни и повремени корисници на тутун се изложени на ризик од различни негативни здравствени исходи во текот на животот.  Како што велат, европскиот регион е еден од регионите со најголема преваленца на употреба на тутун, имено, 26,3% од луѓето на возраст од 15 години и постари користеле тутун во 2018 година.

-Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО. Речиси половина од возрасната популација  пуши редовно цигари, а 70% од нив почнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче. И покрај одамнешната ратификација на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (ФЦТЦ) во 2006 година, напредокот во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот во земјава сè уште не е на задоволително ниво – сметаат од СЗО.

Бројките се дел од резултатите од Студиите за бихејвиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажувањето од тутунот во Македонија подготвени од Канцеларијата на СЗО во Македонија, во соработка со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).

Наодите од истражувањето ја потенцираат потребата од заземање пристап каде што луѓето се во центарот на вниманието за да се разберат бариерите и двигателите за употребата на тутун, вклучувајќи ги улогата и искуството на здравствените работници. Студијата го следи и прифаќањето од 53 држави членки, на пионерската регионална резолуција и петгодишниот план за инвестирање и зголемување на напорите кон приспособување на здравствени системи и политики во заедниците. Наодите ќе послужат како основа за препораки засновани на докази за намалување на потрошувачката на тутун во земјата.

Д-р Ане Јохансен ја оцени Националната презентација како „исклучително значајна активност во правец на ефикасна и ефективна контрола, регулација, спроведување и денормализација на пушењето во земјава, којашто ќе помогне на државата да позиционира во групата европски држави кои имаат забележителни резултати во намалувањето на бројот на пушачи и уживатели на тутун. Тој посочи дека како резултат на соодветните мерки, многукратно се намалуваат и притисоците врз здравствениот систем од што директна полза имаат не само уживателите на тутун, туку сите граѓани на државата.

Презентирани се и наодите од Случајот со инвестициите во тутунот во Македонија, спроведен во соработка со УНДП. Во согласност со Глобалната стратегија за зајакнување на контролата на тутунот на СЗО (ФЦТЦ 2019), преку овие наоди се мерат трошоците и придобивките, и во здравствена и во економска смисла, од спроведувањето на деветте приоритетни мерки за контрола на тутунот и тоа: зголемување на даноците на тутунот, создавање јавни места во кои не се пуши, задолжително истакнување здравствени предупредувања на пакувањата на тутунот, зголемување на јавната свест за прашањата поврзани со контролата на тутунот, воведување на обична амбалажа на тутунските производи, спроведување на сеопфатна забрана за сите форми на рекламирање, промоција и спонзорство на тутун, промовирање на прекинот на употреба на тутун и третман на зависноста од тутун, зајакнување на забраната за продажба на тутунски производи на малолетни лица и зајакнување на надзорот на политиките за контрола на тутунот.

(В.Ма.)