Пола Македонија дише како во гасна комора

135

Жителите на Кавадарци, Кичево, Велес, Куманово, Тетово и скопско Лисиче најмногу денови дишат загаден воздух во текот на една календарска година, покажуваат податоците на автоматските мониторинг станици поставени во овие населени места. Така, ако се погледнат месечните извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем (ДАМС) за квалитет на амбиентен воздух што ги објавува Министерството за животна средина, во Кавараци лани 144 денови биле со ПМ 10 честички над дозволените 50 микрограми на кубен метар, Кичево – 116, Велес – 106, Куманово – 104, а Лисиче со 103 денови.

За податоците да бидат комплетни за цела 2021 година, фалат уште бројките на загадени денови за декември, т.е. за минатиот месец. Но, ако се направи споредба со цела 2020 година, ќе се забележи дека и без бројките за декември, нема некои поголеми отстапувања во однос на вкупниот број денови во годината со загаден воздух во овие градови. Така, во 2020 година на врвот повторно бил Кавадарци со 161 ден со загаден воздух, Кичево – 142, Тетово – 138, Куманово – 115, Велес – 113 и Лисиче со 136 денови.

Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 денови со загаден воздух.

– Најзагадено е во месеци кога има најголемо влијание поради греењето со дрва. Многу е во пет месеци да има загаден воздух. Нотирани се причините и последици, се покажува дека не може да се превенира туку треба радикално решавање, сегашните мерки се недоволни. Постојано повторуваме дека гасификацијата е тоа радикално решение за Тетово. Немаме ни совест, сиромаштијата си го прави своето, се ложи со отпад и во индустријата. Акцијата со замена на печки на дрва со инвертери е благородна, се намали аерозагадувањето, но тоа се покажува недоволно – смета доктор Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје – Тетово.

Во Тетово автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух се наоѓа во дворот на основното училиште „Св. Кирил и Методиј”. Оддалечена е на само 5 метри од булевар со висока фреквентност на сообраќајот. На оддалеченот 15-20 метри од станицата се наоѓаат згради за домување. Станицата го следи загадувањето од индустриските објекти лоцирани на растојание од 600-700 метри.

Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух е поставена во дворот на Медицинскиот центар, т.е. во индустрискиот дел од градот и претежно го покажува загадувањето од индустријата, сообраќајот и од затоплувањето на административните установи.

Во продолжение подетално за градовите каде има поставено мерни станици и се мери квалитетот на воздухот. Така, земајќи во предвид дека Скопје е најголема урбана средина во државата и голем индустриски центар, неопходно е да се врши мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух. За таа цел, во рамки на ДАМС во градот се поставени пет автоматски мониторинг станици.

Една од станиците е поставена во општината Гази Баба, во близина на Природно математичкиот факултет. Таа лани покажала дека загаден воздух имало 61 ден. Втората станица е поставена во населбата Лисиче, до средното хемиско училиште, каде загадувањето е од сообраќајот, индустријата и затоплувањето по домовите, а во близина на оваа станица е цементарницата УСЈЕ. Таа покажала лани 103 дена со загаден воздух, а 136 во 2020 година.

Мониторинг станицата поставена во Општина Карпош, во дворот на основното училиште Петар Поп Арсов го следи квалитетот на воздухот во т.н. урбана позадина со цел да се добијат информации за просечните нивоа на квалитетот на воздухот и изложеноста во урбаните средини. Во Карпош лани 84 денови биле со загаден воздух, а претходната година – 99.

Станиците за мерење на загадувањето од сообраќајот се поставени во општина Центар на фреквентни крстосници во градот. Едната е поставена во дворот на Ректоратот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, односно на крстосницата со Судска Палата, а другата е поставена на крстосницата на булевар „Водњанска“ и улицата „Васил Ѓоргов“. Тие измериле 92 дена лани со загаден воздух и 97 дена во претходната година.

Мониторинг станиците Карпош и Центар се пуштени во работа во 2011 година и покрај концентрациите на вообичаените еколошки параметри ги мерат и концентрациите на испарливите органски соединенија, како бензен, толуен, етил бензен, отоксилен и параксилен во амбиентниот воздух, кои го даваат загадувањето од сообраќајот.

Во Општина Илинден, со цел да се следи квалитетот на амбиентниот воздух во околината на Рафинеријата за преработка на нафта ОКТА, поставена е мониторинг станица за квалитет на амбиентниот воздух во дворот на училиштето „Браќа Миладиновци“ во село Миладиновци во 2009 година. Во оваа општина лани имало само 19 аерозагадени денови, а во 2020 година биле 52. 

Земајќи во предвид дека Битола претставува поголема урбана средина во државата и индустриски град каде што има загадувачи на воздухот, а со цел следење на квалитетот на амбиентниот воздух, поставени се две автоматски мониторинг станици за квалитет на воздух. Двете станици во Битола се поставени во 2004 година. Една од станица е поставена во централното градско подрачје во близина на Саат кулата, во дворот на управната зграда на Стрежево. Другата станица е поставена во дворот на Метеоролошката станица на Управата за хидрометеорлошки работи.

Според распоредот на двете станици во Битола се забележува дека едната станица е поставена во урбана средина, а другата во суб-урбана средина. Станицата поставена во дворот на управната зграда на Стрежево претежно го следи загадувањето од сообраќајот и од затоплувањето на административните установи и домовите, како и влијанието на емисиите од индустриските објекти, додека пак станицата поставена на самиот влез на градот, во дворот на Метеоролошката станица на УХМР го следи загадувањето од индустријата. Според овие мерни станици, лани Битола 1 измерила 42, односно 22 денови со загаден воздух, а Битола 2  – 47, односно 86 денови во 2020 година. 

Земајќи во предвид дека Велес се смета за еден од позагадените градови во државата, а воедно и индустриски град, неопходно е да се врши мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух. За таа цел, поставена е автоматска мониторинг станица за квалитет на воздух во 2004 година. Станицата е поставена во дворот на детската градинка „Димче Мирчев” во населба Тунел и го следи загадувањето од сообраќајот, затоплувањето по домовите и индустријата. Таа лани и преклани измерила 106, односно 113 денови со загаден воздух.

Во Кавадарци е поставена автоматска мониторинг станица за квалитет на воздух, на просторот пред градинката „Гоце Делчев”, односно на крстосницата помеѓу „Западен булевар” и булевар „Моша Пијаде”, и истата пуштена е во работа на ден 6. 4. 2005 година. Со неа ќе се идентификуваат концентрациите на загадувачките супстанции кои се производ на загадувањето од индустријата, сообраќајот и затоплувањето во зимниот период. Лани измерила 144, а во 2020 година рекордни 161 ден.

Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух поставена во Кочани го покажува загадувањето во градот предизвикано од активностите на човековото живеење, затоплувањето по домовите и административните установи и сообраќајот. Станицата е поставена во дворот на училиштето „Љупчо Сантов“ и минатата година измерила 28, односно преклани 69 денови со загаден воздух.

Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух поставена во Кичево го покажува загадувањето во градот предизвикано од активностите на човековото живеење, затоплувањето по домовите, сообраќајот како и од индустријата. Имено, во околината на Кичево се наоѓа и Термоелектричната централа „Осломеј“. Под нивно влијание воздухот лани бил загаден 116 денови, а во 2020 година – 142 денови.

Во село Лазарополе автоматската мониторинг станица е поставена во дворот на Метеоролошката станица на Управата за хидрометеоролошки работи. Оваа станица претставува бекграунд станица и го следи преку граничното загадување кое лани било само 8 денови,а претходната година 6 денови.

Во Гостивар е поставена автоматска мониторинг станица во дворот на ОУ „Гоце Делчев”, и истата пуштена е во работа во текот на месец ноември 2018 година. Со неа ќе се идентификуваат концентрациите на загадувачките супстанции кои се производ на загадувањето од затоплувањето во зимниот период и сообраќајот. Таа лани измерила 85 денови, односно претходната година 119 денови со загаден воздух.

Автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух поставена во Струмица го покажува загадувањето во градот предизвикано од активностите на човековото живеење, затоплувањето по домовите и административните установи и сообраќајот. Станицата е поставена во дворот на ЈЗУ Општа Болница Струмица, во текот на месец ноември 2018 година. Така, станицата лани евидентирала 53 денови со загаден воздух, а пред таа година – 60.

Станицата Гевгелија е поставена во текот на ноември 2021 година и е во непосредна близина на детската градинка “Детска Радост” – клон “Сончогледи” на улицата „Ристо Јанев“. Оваа станица се очекува да го регистрира загадувањето кое доаѓа претежно од согорувањето на горивата за затоплување на домовите како и загадувањето од сообраќајот.

Докторите потсетуваат дека долготрајното соочување со загаден воздух носи тешки последици врз здравјето.

– Оваа студија се појави во журнал за хепатологија. Тоа е нова кинеска студија која покажува дека загадениот воздух влијае да се појави замастување на црниот дроб. Замастувањето значи дека клетките ја намалуваат својата функција, а црниот дроб е една хемиска лабораторија за организмот која го пречистува телото и има други метаболни функции – објаснува тетовскиот доктор Ратко Давидовски.

(С.Бл.)